Кога Тим Кук во август 2011 година ја презеде функцијата главен извршен директор на компанијата „Apple“, пред него стоеше огромен предизвик. Неговиот претходник Стив Џобс ширум светот се сметаше за еден од најголемите иноватори на сите времиња.
Кук за 15 години го издигна „Apple“ до невидени височини. Неговиот наследник, шефот на инженерството за хардвер Џон Тернус, денес го презема кормилото во значително поинакви околности, пишува „CNN“.
Кук ќе остане запаметен по тоа што го направи „iPhone“ незаменлив дел од секојдневието – од купување кафе и слушање музика, до одење во теретана или плаќање сметки. Сето тоа е резултат на мрежните услуги и дополнителната опрема што „Apple“ ги разви под раководство на Кук.
Вредноста на акциите на „Apple“ за време на управувањето на Кук порасна за повеќе од 2000 проценти. Компанијата во јули 2026 година накратко достигна пазарна капитализација од дури пет трилиони долари, станувајќи само втората компанија во историјата на која ѝ успеало тоа.

„Кук успеа да го прошири производството и застапеноста на „iPhone“ до ниво за кое никој во тој период не сметаше дека е веројатно, ниту возможно“, изјави Дејвид Јофи, професор на „Harvard Business School“ и автор на студија на случај за „Apple“ и Тим Кук.
Овој успех не беше само резултат на добри одлуки во врска со производите. Тој бараше и вешто навигирање низ политичките односи меѓу Соединетите Американски Држави и Кина, пазари клучни за работењето на „Apple“, и тоа во период на високи тензии меѓу двете велесили.
Кук во еднаква мера беше државник колку и извршен директор, смета Џин Манстер, управувачки партнер во инвестициската компанија „Deepwater Asset Management“, кој го следи „Apple“ од 2004 година.

На позицијата главен извршен директор дојде како експерт за операции и управување со синџирот на снабдување. Сепак, експертите истакнаа дека неговиот смирен пристап, брзото донесување одлуки и чувството за преговарање овозможиле системот на „Apple“ да функционира беспрекорно, и покрај геополитичките предизвици.
Рон Џонсон, кој ги водеше малопродажните операции на „Apple“ од 2000 до 2011 година, го опиша Кук, тогашен оперативен директор, како интелигентен и стратешки насочен лидер за време на неделните состаноци со Џобс и извршниот тим.
„Беше веројатно најпромислениот член на извршниот тим. Секогаш прво ќе ги сослушаше другите, а ќе зборуваше дури кога ќе имаше нешто конкретно да додаде“, изјави Џонсон за „CNN“.
„Apple“ под раководство на Кук донесе одлука со која ги избегна исклучително високите царини на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Изложен на притисокот производството на „iPhone“ да го пресели во САД, „Apple“ наместо тоа вети инвестиција од 600 милијарди долари во проширување на домашните операции, вклучително и производство на клучни делови за „iPhone“ во САД.

Трамп и за време на својот прв претседателски мандат истакнуваше дека Кук бил еден од ретките деловни лидери кои лично му се јавувале.
„Кога станува збор за директорите што Трамп ги почитува, Тим Кук е на самиот врв на таа листа“, изјави Џефри Соненфелд, виш заменик-декан за студии по лидерство на „Yale School of Management“ и поранешен советник во Белата куќа.
Кук успеа да диверзифицира дел од производството надвор од Кина, а притоа да ја задржи наклонетоста и на кинеските потрошувачи и на тамошното раководство, што Манстер го смета за редок подвиг.
„Не знам како му успеа тоа. Гледано логично, таа динамика изгледа речиси невозможна“, оцени Манстер.
Сепак, пандемијата на коронавирусот и царините на Трамп покажаа колку зависноста од Кина може да биде проблематична. Тоа е само една од пречките што Тернус сега ги наследува.

Тука се и затегнатите односи со регулаторите во Европа, вториот најголем пазар на „Apple“, каде што компанијата беше принудена да го промени начинот на функционирање на својата продавница за апликации „App Store“. Освен тоа, верзијата на виртуелната асистентка Сири, надградена со вештачка интелигенција (AI), нема да биде лансирана во Европа поради правилата на Европската Унија.
На крајот, тука е и самата вештачка интелигенција. Компанијата се соочува со сè поголем притисок да го фати чекорот со конкуренцијата, особено откако нејзиниот последен голем производ „Vision Pro“ не ги исполни очекувањата. Во меѓувреме, тековниот недостиг на мемориски чипови предизвикан од трката во развојот на AI технологијата ги принуди „Apple“ и другите компании да ги зголемат цените на производите.
Сепак, Кук му даде совет на Тернус за време на едно од неговите последни обраќања до акционерите на функцијата директор: фокусирајте се на создавање производи со кои се збогатуваат животите на корисниците.
„Ако продолжите да работите со таа цел и ги темелите вашите одлуки на неа, ќе создадете одлична компанија, а тоа ќе ни овозможи да правиме уште подобри производи и да го повториме успехот“, порача Кук во април годинава, пишува „CNN“.