Најдобриот фудбалски репрезентативец на Босна и Херцеговина (БиХ) на сите времиња, напаѓачот Един Џеко, најави дека на 2 октомври против Шведска ќе го одигра последниот натпревар за националниот тим.
„Ништо во мојата кариера не може да се спореди со гордоста што ја чувствував секојпат кога го облекував репрезентативниот дрес. Ништо. Тоа беше мојот детски сон, сон што го носев со себе во секој од 151-те натпревари во кои ја имав честа да ја претставувам мојата земја на фудбалскиот терен“, напиша 40-годишниот Џеко во емотивна објава на социјалните мрежи.
Тој вели дека почувствувал оти дошло време да се повлече.
„Да играм за мојата земја беше најемотивната привилегија што фудбалот некогаш ми ја дал… Секогаш бев горд што го носам репрезентативниот дрес и секојпат давав сè што имав. Секојпат. Сè“, додаде тој.
Голем број соиграчи се простуваат од Џеко и му се заблагодаруваат, а селекторот на БиХ, Сергеј Барбарез, го цитирал коосновачот на технолошкиот гигант Епл, Стив Џобс:
„Оние кои се доволно луди да мислат дека можат да го променат светот, се токму оние кои го менуваат … Ти благодарам“, напиша Барбарез.

Родениот сараевчанец, Един Џеко, е еден од фудбалските ветерани кои по Светското првенство во САД, Канада и Мексико објавија дека се простуваат од националниот тим.
Пред него тоа го направи Аргентинецот Лионел Меси, португалскиот великан Кристијано Роналдо најавува крај на играчката кариера, а се очекува и Лука Модриќ, иконата на хрватскиот фудбал да стави крај на репрезентативната кариера.

Џеко дебитирал за репрезентацијата на БиХ на 2 јуни 2007 година, а досега забележал 151 настап и 73 голови.
Со 151 настап тој е рекордер на БиХ, а единствениот фудбалер кој, покрај него, има повеќе од 100 настапи во националниот дрес е Миралем Пјаниќ – 115.
Со 73 голови, Џеко е убедливо најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата на БиХ од нејзиното осамостојување, додека следен на листата е Ведад Ибишевиќ со речиси 50 гола помалку – 28.

Џеко играше на двата Мундијали на кои се пласираше БиХ – во 2014 година во Бразил и неодамна во САД, Канада и Мексико.
На шесте одиграни натпревари на светските првенства забележал по еден гол и една асистенција, со што е израмнет со Пјаниќ.

„Пласманот на нашето прво Светско првенство во 2014 година и понатаму е еден од најсреќните моменти во мојот живот како фудбалер. Емоциите што ги почувствував онаа ноќ по голот против Велс, а потоа и во Зеница против Италија во март оваа година (квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство оваа година), засекогаш ќе останат во моето срце“, истакна Џеко.

„Да ги видам моите луѓе како слават на улиците на нашите градови беше уште еден неверојатен подарок што ми го даде фудбалот“, додаде тој.
Кариерата ја започнал во сараевски Железничар, а играл и за германски Волфсбург, англиски Манчестер Сити, италијанските клубови Рома, Интер и Фиорентина, турскиот Фенербахче, додека моментално е фудбалер на германски Шалке.