Почина Сандро Мацола (83), еден од најголемите италијански фудбалери на сите времиња

Точка

19/09/2026

12:09

283

Големина на фонт

а а а

Сандро Мацола, легенда на Интер и еден од најдобрите италијански фудбалери на сите времиња, почина во Милано на 84-годишна возраст. За миланскиот клуб играше 17 години, од 1960 до 1977 година, а неговата смрт ја потврди Интер.

Со „нераѕурите“ четири пати беше шампион на Италија, а по двапати ги освои Купот на шампиони и Интерконтиненталниот куп. Во финалето на Купот на шампиони во 1964 година постигна два гола за победата на Интер со 3:1 над Реал Мадрид.

Во дресот на италијанската репрезентација запиша 70 настапи и постигна 22 гола. Со Италија во 1968 година стана европски шампион, а две години подоцна играше во финалето на Светското првенство во Мексико, каде што Бразил ја совлада Италија. Во текот на целата кариера за Интер настапи 565 пати и постигна 161 гол. Откако престана да игра фудбал, извршуваше функционерски должности и работеше како телевизиски коментатор.


Во детството доживеал трагедија

Мацола целата своја професионална играчка кариера ја помина во Интер, каде што беше еден од клучните членови на тимот познат како „Grande Inter“. Под водство на тренерот Еленио Ерера, миланскиот клуб во текот на 1960-тите стана доминантен тим во италијанскиот фудбал и двапати по ред го освои Купот на шампиони.


Тој беше син на Валентино Мацола, капитенот на славниот Торино, кој во 1949 година загина во авионска несреќа кај Суперга. Сандро тогаш имал шест години, а подоцна изгради сопствена кариера и стана еден од најдобрите италијански напаѓачи од својата генерација.