Актерот Двејн Џонсон на ТикТок објави рецепт за смути што го пие по тренинг, а една состојка особено го привлече вниманието – варен јасмин ориз.
Џонсон покажа како го подготвува напитокот кој, како што рече, му заменува цел оброк по тренинг и кардио на празен стомак.
Во видеото актерот објасни дека неговиот „утрински еликсир по тренинг“ содржи 75 грама протеин во прав. Притоа спомена дека станува збор за прототип што го развива за сопствена линија додатоци во исхраната, која би требало да се појави на пазарот во 2027 година.
На протеинот во прав му додава околу еден литар вода, 15 грама креатин, една шолја замрзнати боровинки и малку стевија. Последната состојка, која изненади многумина е варен јасмин ориз и тоа во количина што му обезбедува 120 грама јаглехидрати. Џонсон го истури оризот од хартиена чинија директно во блендерот и сè добро избленда.
Додека го подготвувал напитокот, Џонсон ја запеа „You’re Welcome“, познатата песна од Дизниевиот филм „Ваијана“, и објасни зошто користи ориз. „Многумина се чудат што ставам ориз во блендер“, рече тој. „Мене навистина ми се допаѓа бидејќи му дава одлична текстура на напитокот“, истакна актерот.

Тој додаде дека оризот одлично се комбинира со вкусот на неговиот протеин во прав. „Во комбинација со вкусот на мојот протеин во прав… тоа е неверојатно. Замрзнатите боровинки исто така му даваат нешто посебно и одлична текстура“, објасни тој.
Откако го проба смутито, накратко прокоментира: „Мм. Одлично“.
Необичниот рецепт предизвика бројни коментари. „Не очекував ориз во шејкот…“, напиша еден корисник. Друг се запраша: „Зарем не можеме едноставно да го изедеме оризот и да го испиеме шејкот?“.
Сепак, дел од следбениците ја поддржаа неговата идеја. „Не ми текнало, одлична идеја!“, напиша еден од нив.