Сендвичот често е меѓу првите намирници што ги ставаме на листата за избегнување кога сакаме да ослабеме, но проф. д-р Дејан Чубрило, професор по медицинска физиологија и специјалист по спортска медицина, вели дека лебот не мора автоматски да биде проблем.
Многу поважно е колку леб јадеме и со што го комбинираме, особено кај луѓето со вишок килограми и одредени метаболички проблеми.
Дури и намирниците што ги сметаме за здрави не се нужно најдобар избор во секоја комбинација. Поради тоа, Чубрило наведува неколку популарни видови сендвичи што би ги избегнувал доколку има вишок килограми.

„Би избегнувал сендвич со путер и џем, сендвич со авокадо и сендвич со хумус. Не затоа што овие намирници се нездрави, туку затоа што, ако имате инсулинска резистенција, хипотироидизам, слаби мускули, анемија или лоша функција на митохондриите, овие намирници директно одат во складирање, односно во масното ткиво, наместо да се согоруваат и да создаваат енергија. Мојот совет е – со леб секогаш јадете и протеин“, вели проф. д-р Чубрило, пренесе „курир.рс“.
Колку леб можеме да изедеме во еден оброк зависи од метаболичкиот капацитет, нивото на физичка активност, остатокот од исхраната и здравјето на цревата, објаснува проф. д-р Чубрило. Поради тоа, тој смета дека поважно прашање од тоа дали лебот е „дозволен“ е колку всушност му е потребен на нашиот организам.
„Ако имате вишок килограми и штотуку започнувате со диета, почнете со 50 грама леб во еден оброк. Оброкот не треба да се состои само од леб, туку секогаш да биде во комбинација со сирење, јајца, месо, риба и зеленчук. Значи, малку леб, протеин и зеленчук – тоа е одличен почеток“, советува проф. д-р Чубрило.

Значи за луѓето кои имаат вишок килограми, сендвичот не мора да биде забранет оброк. Клучот, според неговите зборови е во количината и изборот на намирници.
„Сендвичот не е проблем, проблем се количината и комбинацијата. За оние кои имаат прекумерна тежина, ова може да биде сосема добар и практичен оброк: 50 грама интегрален леб, односно две парчиња, 50 грама сирење, две парчиња печеница и малку салата. Уште поздрава комбинација е сендвич со тофу сирење – 50 грама леб, 100 грама тофу и малку салата“, објасни докторот.

Сепак, границата лесно се надминува кога од едноставен сендвич ќе направиме значително поголем оброк. Како пример за преголема порција, проф. д-р Чубрило наведува два двојни сендвичи, односно двојно поголема количина од препорачаната.
„Кога ќе претераме со количината, добиваме сосема поинаква комбинација. Е, тоа веќе е сосема друга метаболичка приказна. Не е проблем сендвичот, проблем е кога ќе ја изгубиме мерката“, заклучи проф. д-р Чубрило.