„Froggy Beachstar“ нуди автономија од 200 километри во стандардната верзија и 300 километри со батерија со продолжен радиус на движење.
„Dartz“ е компанија од Летонија која е специјализирана за производство на скапи и уникатни SUV возила, отпорни на куршуми. Со својот нов проект, овој произведувач тргна во сосема поинаква насока.
„Freze Froggy EV Beachstar“ е мал електричен кабриолет кој изгледа како да испаднал од временска машина наместена на 80-те години на минатиот век.
Веб-страницата на произведувачот го рекламира овој кабриолет со слоганот: „Најевтиниот електричен автомобил во ЕУ!“.
Дали е најевтин, не сме сосема сигурни, но овој мал автомобил изгледа како играчка. Заснован е на кинескиот електричен автомобил „Wuling Hong Guang Mini EV“.
„Dartz“ објаснува дека го креирал „Freze Froggy EV Beachstar“ специјално за „car sharing“ програми и компании за изнајмување автомобили.
Малиот автомобил нуди автономија од 200 километри во стандардната верзија и 300 километри со батерија со продолжен радиус на движење. Моќноста на електромоторот е 41 коњски сили.
Според произведувачот, максималната брзина е 100 км/ч.
Како што велат, возилото е визуелен омаж на претходните автомобили на „Dartz“ (на фотографијата), „Millennium Mercedes“ со шасија од G-класата и каросерија од класата SLK што компанијата го изгради за инвеститорот Џим Роџерс и неговата сопруга, или „Volkswagen Буба“ која наликува на жаба и е конструирана на почетокот на 90-те години.
„Dartz“ планира да започне со испораки на моделот „Freze Froggy EV Beachstar“ кон средината на 2023 година. Цената би требало да изнесува околу 20.000 евра.