Актерот Крис Такер игра во новиот филм „Air“ на Бен Афлек, но на големото платно не се појавил од 2016 година. Сега ја открил и причината за тоа.
Такер ја започна кариерата како стенд-ап комичар, редовно појавувајќи се во серијата „Def Comedy Jam“ на „HBO“. Не му требаше долго за да стане најплатен актер на светот на врвот на својата кариера во доцните 90-ти, кога стана најпознат по својата улога во франшизата „Rush Hour“.
Актерот тогаш преговарал за износ од 20 милиони долари за да се појави во продолжението, што денес би изнесувало двојно повеќе. Па зошто тогаш Такер одлучил да одмори од Холивуд?
Актерот за последен пат се појави на големото платно во воената драма „Billy Lynn's Long Halftime Walk“ од 2016 година, а сега во интервју за „Classix ATL“ откри зошто се повлекол.
„Се чувствував како да постои таван во Холивуд и посакував повеќе, како да не беше доволно. Така се повлеков и малку живеев, патував низ светот и правев многу хуманитарни нешта кои навистина ја проширија мојата перспектива“, рекол Такер.
„Не станува збор само за тоа да бидам најголем актер во комедии на светот, станува збор за тоа да станете некој кој ќе му даде нешто на светот и ќе го инспирира на некој начин. Мило ми е што го направив тоа, запознав многу одлични луѓе“, додал тој.
По 7 години пауза, Такер се враќа на големиот екран во филмот на Бен Афлек, во кој ја игра улогата на Хауард Вајт, потпретседател на „Jordan Brand“ за „Nike“. На премиерата на филмот на „SXSW“ минатиот месец тој објаснил зошто се одлучил да ја „тргне прашината“ од своите актерски чевли за овој филм.
„Мојот агент ми се јави и рече дека имаат филм за нешто поврзано со Мајкл Џордан и сакаат да го играм ликот наречен Хауард Вајт. Тоа не беше никаков лик, не беше во сценариото. Реков: ‘Чекај малку, тоа е мојот пријател’, па од Вајт дознав дека е во овој филм“, изјави тој за „People“.
„Потоа разговарав со Бен и Мет и тие ми рекоа: ‘Сакаме да дојдеш и да се забавуваш. Ова е тоа што го правиме. Тоа е како да снимаш филм со твоите пријатели’. И се согласив. Го сакам Мајкл Џордан. Мој пријател е Хауард Вајт. Бен ми рече дека можам да правам што сакам. Го сакам брендот ‘Jordan’. Ајде да го направиме тоа“, додал тој.