Доаѓа со хидропневматска суспензија што му овозможува низа фасцинантни способности.
"BYD" објави видео од својот нов електричен модел "Yangwang U7", кој за дел од секунда може да се подигне за време на возење за да избегне пречки на патот, самостојно да паркира паралелно во место и многу повеќе.
"Yangwang U7" е луксузна лимузина со должина од 5.265 mm, што значи дека овој модел од премиум брендот на "BYD" може да се спореди со "Mercedes S-класа", барем кога станува збор за големина.
Сепак, овој моќен електричен автомобил ги надминува многу конкуренти кога станува збор за перформанси – располага со импресивни 1.304 коњски сили!
Неговиот главен стремеж е да биде супериорен наспроти модели како "Mercedes EQS", а за таа цел користи огромна "LFP" батерија со капацитет од 135,5 kWh, која овозможува домет до 720 км според оптимистичките кинески мерења.
Автомобилот доаѓа со хидропневматска суспензија "Disus-Z", која му овозможува низа фасцинантни способности:
• Може да плови на вода
• Може да се врти околу својата оска благодарение на четирите електромотори
• Може да го компензира наклонот на каросеријата во свиоци – дури и да го навалува возилото во спротивен правец за да ја неутрализира центрифугалната сила
• Може да ја „истресе“ водата и нечистотијата од каросеријата со помош на системот за суспензија
Една од најимпресивните карактеристики е способноста да ја одржи стабилноста при премин преку нерамнини високи до 12 см – автомобилот останува во хоризонтална линија, без тресење и нагли движења.
Цената на "Yangwang U7" во Кина се движи меѓу 628.000 и 708.000 јуани (помеѓу 79.000 и 89.000 евра).