Христов: Нема повеќе да има притисоци врз селекторите, во малдинските категории ќе играат најдобрите

Макфакс

11/04/2025

15:51

1.770

Големина на фонт

а а а

Три месеци по неговото назначување за технички директор во ФФМ за развој на младинскиот фудбал, Ѓорги Христов на брифинг со претставници на медиумите даде видување за досегашната своја работа.

„Оваа функција носи голема одговорност, но и привилегија. Од првиот ден сум присутен на терен, заедно со колегите, постојано следејќи ги натпреварите и развојот на младите фудбалери ширум државата“, изјави Христов.

Во изминатиот период, воспоставена е стабилна структура со назначување на координатори по генерации. Артим Шаќири и Сашо Милошевски се назначени како координатори за категориите од 2007 до 2012 година. Тие го следат секое дете, ќе бидат директна поддршка за селекторите и ќе обезбедат квалитетна анализа за секоја генерација.

Новитет во системот е и воведувањето на видео анализа – област што досега воопшто не беше дел од младинските селекции.

Ангажирани се поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе го подигнат нивото на подготовка и детална анализа на играта.

Посебно внимание се посветува на Детската лига, како основа за фудбалскиот развој.

„Децата на таа возраст се како сунѓери – сè прифаќаат. Затоа, воведовме нови правила со цел тие да играат „фудбал по земја”, од „нога на нога”, да научат да ја изнесат топката организирано, а не сè да зависи од тоа дали голманот ќе центрира до другиот крај на теренот. Сакам да создаваме фудбалери кои размислуваат на теренот.“

Во однос на скаутирањето, пристапот е избалансиран и фокусиран на квалитетот.

„Имаме таленти тука, во Македонија – прекрасни деца, вредни, посветени. Затоа и нашата главна концентрација мора да биде тука. Но, тоа не значи дека нема да ги следиме децата со македонско потекло надвор од земјава. Напротив, сите што имаат квалитет и можат да направат разлика на натпреварите, се добредојдени. Единствениот критериум е квалитетот.“

Христов отворено зборува и за состојбата со Академијата на ФФМ.

„Ако Академијата функционираше како што треба, денес немаше да селектираме повеќе од 150 деца од терен. Фактот дека тие деца не се натпреваруваат во официјален систем е парадоксален. Академијата треба да биде пред репрезентативна селекција, а реалноста е далеку од тоа. Веќе две години тие немаат одиграно ниту еден натпревар и искрено, не гледам смисла да продолжиме во истата форма. Ќе видиме каква ќе биде одлуката, но вака – не оди.“

Техничкиот директор откри и со какви притисоци се соочувале во минатото селекторите на младинските категории.

„Селекторите во минатото се жалеа на директни притисоци од раководството, од политичари, бизнисмени, од доктори и новинари. Тоа време заврши. Секој селектор кој ќе почувствува притисок од било кого треба веднаш мене да ми пријави. Мора,е да ги искорениме сите форми на влијание. Шанса ќе добие секое талентирано дете, ќе играат само најдобрите, без разлика на потекло, врски или препораки“, додаде Христов.