[ВИДЕО] Фудбалер со столче погодил жена покрај базен во хотел со пет ѕвезди: Снимката од тепачката ги шокираше обожавателите

Точка

27/06/2025

21:16

2.592

Големина на фонт

а а а

Турист кој учествувал во тепачка покрај базен на Ибица се огласил откако британски фудбалер наводно фрлил пластично столче кон жена.

Видеото, кое за неколку часа стана најгледано на социјалните мрежи, прикажува тепачка што избувнала покрај базенот во хотелот „Марко Поло“ во Сан Антонио, Ибица, на 21 јуни. На снимките можат да се видат разни предмети како летаат, кршење стакло и жена што е погодена во глава со столче.


Фудбалер на клубот Олдам Атлетик, Киан Харат учествувал во тепачката, а бил снимен како крева и фрла столче што случајно погодило жена и ја соборило на земја.

23-годишниот фудбалер се огласи на ТикТок и се извини но и додаде дека сакал да го одбрани својот пријател кој наводно бил нападнат откако се спротивставил на „момче високо два метра“ кој бил агресивен кон гостите покрај базенот.


Меѓутоа, мажот кој го споменал Харат е 31-годишниот Брендон Воткинс, кој тврди дека е висок 193 см и „не е никаков насилник“.

Давајќи ја својата верзија од приказната за „MailOnline“, Брендон рече: „Тепачката се случи на петтиот ден од нашиот одмор. Секој ден бевме покрај тој базен, се сложуваме добро со сите и се спријателивме. Потоа се појавија овие момци и почнаа да фрлаат топки наоколу. Неколку луѓе рекоа: „Ова ќе предизвика проблеми“, уште пред сè да започне. Во еден момент, еден од неговите пријатели влезе во базенот до мене и агресивно почна да ме прска. Еден од нив рече: „Што гледаш?“ Тие беа вистински кошмар. Едно момче постојано нè провоцираше. Киан седеше веднаш до него и ако ништо друго, го охрабруваше“.


Во меѓувреме, пријателка на жената која била погодена со столче рекла дека „никогаш во животот не видела нешто слично“.

„Мојата пријателка беше повредена. Сите само викаа и се пцуеја едни со други“, рече таа.


„Таа е ангел и прекрасна личност, затоа се вмешала – видела луѓе како се тепаат и само се обидела да го запре тоа“, додаде пријателката.

Откако снимката стана вирална, фудбалерот јавно се извини што случајно ја погодил жената и рече дека „многу му е жал“.