Сметката од луксузниот ресторан „Анабел“ на остров во Мајорка станала хит на социјалните мрежи, откако фотографијата се појавила во јавноста.
Вкупна цена – 63.237,90 евра.
По самата должина на сметката се чини дека гостите изеле сѐ што било понудено во ресторанот, а се гледа дека меѓу нарачаните работи имало пијалаци и разни тестенини чии цени се движеле меѓу 12 и 38 евра.
Гостите покрај разните предјадења и главни јадења испиле и повеќе од 20 шишиња шампањ, вклучувајќи и 17 шишиња луксузно Dom Pérignon розе.
Сепак, тоа повторно не објаснува зошто сметката е толку висока. Оние со остро око забележале дека ставката „разни видови риби“ изнесувала дури 45.000 евра.
Директорот на ресторанот, Хулио Фигероа за германски „Билд “ објаснил:
„Ставката од 45.000 евра не била само риба, туку и три шишиња Petrus, ексклузивно црвено вино од 1986 година.
Објаснил дека ставката е погрешно наведена како риба при издавањето на сметката.
Според пишувањето на германските медиуми станува збор за 18 Американци, а се шпекулира дека меѓу нив била и НБА ѕвездата Леброн Џејмс за кој се вели дека има склоност кон Petrus.
Сепак, Фигероа истакнал дека никогаш не ги открива имињата на гостите.
Покрај износот од сметката и бакшишот од 5.748 евра предизвикал бура на социјалните мрежи. Во Шпанија трошоците за услуга се вклучени во цената, па ресторанот автоматски додава 10 отсто.