Германскиот автомобилски гигант „Mercedes“ соопштил дека до 2029 година постепено ќе го згасне производството во фабриката во Лудвигсфелд во близина на Берлин.
Како што наведуваат, дел од работата ќе биде преместена во Полска. Одлуката е образложена со растечката конкуренција од Кина и високите трошоци за работа во Германија.
Фабриката во Лудвигсфелд која повеќе од 30 години вработува над 2.200 работници и произведува околу 60.000 варијанти на „спринтер“ комби и електрични возила, ќе биде затворена до крајот на деценијата.
Произведувањето на е-спринтерите, електрични верзии од популарните комбија, ќе биде преместено во Полска. Синдикатот „IG Metal“ ја оценил оваа одлука „неприфатлива“ и најавил протести на работниците.
Трошоците на работењето во Германија моментално се и до пет пати поголеми отколку во Полска, која е втор најголем произведувач на батерии за електрични возила во светот, веднаш зад Кина.
Токму поради тоа „Mercedes“ вложува во нова фабрика во Јавор, на југозападот од Полска каде од 2019 година се произведуваат мотори и батерии за хибридни автомобили.
Според медиумите, инвестицијата е вредна 360 милиони евра, а ќе отвори најмалку 300 нови работни места, вклучувајќи и 30 позиции за високообразовани експерти до 2027 година.
Тобијас Кунцман од синдикатот „IG Metal“ изјавил дека одлуката за преселување на производството ќе предизвика сериозни последици за германските работници и индустријата.
„Работниците во Лудвигсфелд се чувствуваат напуштено, а оваа одлука не е прифатлива“, порачал Кунцман.
Преместувањето на производството во Полска дополнително го потврдува трендот на селење на индустриите од западна Европа кон исток, каде трошоците за работа и произведување се значително пониски, додека пак глобалната трка во секторот на електрични возила станува сѐ поостра.