Корисниците на Фејсбук од САД кои имале активни профили меѓу 24 мај 2007 и 22 декември 2022 година можеа да поднесат барање за дел од спогодба од 725 милиони долари која компанијата „Мета“ ја заклучила по скандалот со „Cambridge Analyticom“.
Рокот за пријава бил до 25 август 2023 година, а поднесени биле речиси 29 милиони барања. Валидирани биле околу 18 милиони, според податоците од 2024 година.
Судот на 27 август 2025 година наложил да почне исплатата која ќе трае околу 10 седмици. Од вкупниот фонд, приближно 540 милиони долари наменети се за корисниците чии барања биле одобрени. Висината на исплатата зависи од тоа колку долго профилот бил активен во период меѓу 2007 и 2022 година затоа што за секој месец се доделува по еден „алокационен поен“.
„Корисниците кои подолго биле активни и чии барања се повредни, ќе добијат повеќе пари“, навеле од „Мета“ во приватните документи.
Парите на корисниците ќе им бидат исплатени директно на банкарска сметка по пат на „Пеј-Пал“, виртуелни припејд „Мастеркард“ картички, „Венмо“...
Оние чии трансакции нема да бидат успешни ќе добијат дополнителен мејл за да го ажурираат начинот на исплата.
Во 2018 година откриено беше дека „Cambridge Analytica“ имал пристап до приватни податоци на дури 87 милиони корисници на Фејсбук, а тие податоци биле користени во текот на претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година.
Иако „Мета“ не ја признала вината, компанијата после тоа значително го ограничила пристапот до податоците на трети страни и вовела нови алатки за известување на корисниците за тоа како нивните податоци се користат.