Понекогаш зад убавите фотографии на социјалните мрежи стојат приказни за болка, загуба и тишина што ретко кој ја гледа.
Јога инструкторката и инфлуенсерка Лејла Рамковска го отвори срцето пред своите следбеници, споделувајќи приватна порака што ја добила, со одговор поинаков од оној што можеби би го очекувале.
Наместо да се брани или да се оправдува, таа одговори со приказна за падот и подемот во нејзиниот живот – и за тоа како јогата ѝ била „спас“ кога сè околу неа се распаѓало.
Во пораката што ја добила, следбеникот ѝ вели:
„Лејла, првин се парите. Немој да ми кажуваш ако немам пари и одам на јога дека ќе биде супер сѐ. Гледам кај тебе на профилот си патуваш, си јадеш убавa храна, се дружиш со ОК луѓе… Мислиш дека твојот живот е последица на јога, на парите или тоа дека убаво изгледаш?“.
Многумина би премолчале или би влегле во дебата. Но Лејла избрала поинаков пат – пат на искреност. Со зборови кои тешко оставаат некого рамнодушен, потсетувајќи се на своето минато:
„Заборавив каква бев пред 12 години… слаба, нефлексибилна, со гастритис, дискус, спондилоза, калцификат на рамото, нарушен центарот за баланс и вертиго, само 49 килограми, со две мали деца, изгубивме сè што имавме, финансиски на дното, со брак кој се распаѓаше. Тогаш почувствував дека сум пред самиот крај на дното“.
И токму кога изгледало дека нема излез, се свртела кон јогата.
„Полека, чекор по чекор, стекнав флексибилност, сила и нова стабилност,“ пишува таа. Оттаму почнала да се крева – не преку ноќ, не со пари, туку со трпение и дисциплина.
Рамковска отворено признава дека и денес, секогаш кога ќе направи пауза од вежбањето, се враќаат болките и анксиозноста. Но таа веќе ја научила лекцијата:
„Јогата е мојот пат, мојата лекција и мојата сила. Каде јас, таму и мојот мат“.
Нејзините зборови потсетуваат дека зад секоја насмевка и фотографија се кријат битки што не ги гледаме. А можеби токму во тие лични приказни, како таа на Лејла, лежи вистинската инспирација – да не заборавиме дека секое дно може да стане почеток на нов подем.
Автор: Ц.Н.