Мотоцикл со потпис од папата Лав XIV ќе биде понуден на аукција во сабота во Минхен, објави аукциската куќа „RM Sotheby's“.
Папата во септември, во Ватикан, го потпишал белиот мотоцикл „BMW R 18 Transcontinental“, а фотографиите објавени на веб-страницата на аукциската куќа го прикажуваат Светиот Отец како седи на него и држи мотоциклистичка кацига во рацете.
Возилото било довезено во Рим од група која делува под името "Исусови мотоциклисти". Членовите на оваа група три дена патувале со мотоцикли од германскиот град Шафхајм до Плоштадот Свети Петар во Рим, а моделот на мотоциклот наводно е инспириран од папамобилот.
Од аукциската куќа „RM Sotheby's“ велат дека очекуваат мотоциклот на саботната аукција да достигне цена меѓу 40.000 и 60.000 евра. Приходот ќе биде наменет за Папските мисии во Австрија, кои ќе го донираат за деца на Мадагаскар.