Панчево за само неколку години од град којшто многумина го избегнувале, пред сѐ поради загадувањето, станал една од најбараните локации благодарение на фактот што се наоѓа во близина на Белград.
Со текот на годините има сѐ поголем број на заинтересирани купувачи. Иако цените на квадратот непрекинато растат на пазарот, становите сепак и натаму се поповолни за разлика од поголемите населби и главниот град на Србија.
Според податоците, просечната цена на огласените станови во изградба во Белград моментално е околу 2.577 евра. Во некои делови од градот, цените се 2.170, односно 2.740 евра од метар квадратен.
Квадратот на становите во изградба во Панчево моментално е околу 1.720 евра.
Стан од 50 метри квадратни во Панчево може да купите за 86.000 евра. Недвижнина со иста квадратура во Белград речиси и да не може да се најде под 100.000 евра, а во просек чини околу 128.850 евра. За таа разлика, на купувачите им остануваат и повеќе од доволно пари за во Панчево да купат и гаража.
Никола Вукчевиќ од агенцијата „Брокер за недвижнини“ вели дека во Панчево најбрзо се продаваат станови од 37 до 46 метри квадратни, со посебна спална соба.
„Цените на становите во изградба се од 1.700 до 2.100 евра со ДДВ којшто се пресметува во износ од 10 отсто. Цените на становите во староградбите се од 1.200 до 1.600 евра. Вкупната понуда и натаму е во дефицит затоа што побарувачката е поголема од понудата“.
Панчево со својот шарм сѐ повеќе ги привлекува младите семејни луѓе. Тие со селењето таму добиваат голема заштеда во време поради подобриот сообраќај и близината на сите потребни институции.
Но, и луѓето кои се при крај со работната кариера и се во потрага за помирна средина се одлучуваат за Панчево.
„Зборовите загадување и Панчево одамна не одат заедно. За тоа придонесе затворањето на фабриката која беше најголем загадувач. Градот стана посакувана дестинација за живеење и бележи раст во бројот на издадени градежни дозволи. Се наоѓа на 20-на километри од центарот на Белград“, вели Вукчевиќ.
„Купувањето стан во Панчево претставува паметна одлука. Со значајно пониски цени за квадратот во однос на Белград, добивате помирен живот, подобар квалитет на воздух и секојдневен пристап до престолнината за помалку од половина час“, заклучил тој.