Пред неколку недели, светските медиуми ја пренесоа веста дека Кијану Ривс и неговата партнерка Александра Грант конечно стапиле во брак. Но, популарниот актер и визуелната уметница со која е во врска веќе долги години, ги демантираа тие гласини.
Убаво е и без потпис, што уште еднаш го потврдија и на црвениот тепих. Заљубени како првиот ден, насмеани, елегантни... Сè ќе беше совршено, ако според многумина – впечатокот не го расипаа неговите чевли.
Во киното „AMC Lincoln Square 13“ во њујоршкиот Бронкс, неодамна се одржа премиерата на комедијата „Good Fortune“, во која главната улога ја толкува Кијану Ривс (61). Краток здив по акциската сага за Џон Вик и другите жестоки филмови со кои беше зафатен изминативе години. Освен колеги од индустријата, друштво на црвениот тепих му правеше и неговата партнерка Александра Грант (52).
Угледната њујоршка уметница блескаше во темносина креација со откриени раменици, додека актерот се појави во кафеаво одело кое, наместо со елегантни чевли, го искомбинира со – обувки за планинарење. Барем нијансата одговараше со остатокот од стајлингот, коментираат многумина кои сметаат дека вакви чевли не припаѓаат на гламурозен настан.
Слични чевли носеше и на фотографијата со која тој и Александра неодамна ги демантираа гласините дека се венчале – фотографијата е направена на скалите од една галерија. „Ова е вистинска фотографија. Не е од свадба, не е дело на вештачка интелигенција. Само бакнеж. Ја споделувам за да им се заблагодарам на сите за честитките за венчавка. Само – не сме се венчале. Убави вести навистина нѝ се потребни овие денови, но оваа беше лажна. Еве малку вистинска среќа“, напиша избраничката на славниот актер.
Кијану Ривс, инаку, е познат по тоа што сака да ги носи чевлите додека не се износат до крај. Најмногу ги претпочита оние гломазните, планинарски или работнички модели од велур, најчесто во карамел нијанса. Бидејќи не ги носи само на улица, туку и на црвениот тепих, со класични одела, станува јасно дека „излитената“ обувка е намерен избор – и дел од неговиот имиџ.