Користење паметен телефон за време на возење? Во Италија тоа може скапо да ве чини – возачката дозвола ќе ја изгубите побрзо отколку интернет врската.
Италија реши сериозно да се позанимава со овој проблем: од крајот на 2024 година, земјата на брзите автомобили и тесните улички воведе значително построги казни за сите што користат мобилен телефон додека возат.
А првите резултати зборуваат сами за себе: речиси 9.000 возачки дозволи се одземени само за три месеци. Пораката на владата е јасна – секој што пишува пораки или зборува на телефон додека вози, мора да биде санкциониран, пишува „Autobild.de“.
Новите правила стапија на сила на 14 декември 2024 година. Оттогаш, според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, 8.912 возачи ја изгубиле возачката дозвола исклучиво поради нелегално користење на мобилен телефон за време на возење.

Вкупно, во само три месеци биле одземени 17.607 дозволи, а речиси половина од случаите се поврзани со користење паметни телефони. Казните се строги: оние што ќе бидат фатени првпат се соочуваат со забрана за возење од две недели до два месеца и парична казна од 250 до 1.000 евра.
Повратниците во прекршок ризикуваат казна до 1.400 евра и забрана за возење до три месеци.
Бројките се јасни: околу 100 Италијанци секој ден ја губат возачката дозвола – драстична бројка, но според Министерството за внатрешни работи, мерките веќе носат резултати.
Бројот на загинати во сообраќајни несреќи се намалил за 20%, бројот на повредени за 8,8%, а вкупниот број на несреќи за 5,5% – и тоа само во првите три месеци од примената на новите правила.
Властите проценуваат дека на тој начин веќе се спасени 61 живот.
Акциите на властите предизвикаа бројни реакции. Противниците ги нарекуваат мерките „грабеж“ и „лов на возачи“.
Сепак, Министерството за внатрешни работи ги отфрла таквите обвинувања: правилата се јасни, контролите се доследни, но не и произволни.

Останатите сообраќајни прекршоци не се зголемиле во споредба со претходната година – што укажува дека мерките се насочени токму кон она што денес се смета за најголема причина за несреќи: одвлекување на вниманието поради мобилни телефони.
Користењето мобилен телефон за време на возењето е голем проблем и во Македонија.
Италија покажува како изгледа доследна сообраќајна контрола – и тоа со првите видливи резултати во подобрување на безбедноста на патиштата.