Ова е првото „Ferrari“ дизајнирано од вештачка интелигенција

Точка

28/10/2025

14:47

616

Големина на фонт

а а а

По најавата на својот прв електричен модел, „Ferrari“ сега се впушта во нешто уште понеочекувано – влез во светот на дигиталните автомобили.

Нивниот најнов проект, „Ferrari F76“, се опишува како „првиот дигитален хиперавтомобил“ и се продава исклучиво како „NFT“, односно виртуелен колекционерски предмет, а не како реален автомобил.

Дигитален симбол на традицијата

Името F76 се однесува на 76-годишнината од победата на „Ferrari“ во Ле Ман во 1949 година, кога триумфирал легендарниот модел 166 MM Barchetta.

Но, овој хиперавтомобил од 2025 година не користи гориво, гуми ниту патишта – тој постои само во дигиталниот простор.

Од компанијата објаснуваат дека при неговото создавање е користена „генеративна“ метода на дизајн, процес што ја комбинира човечката креативност со вештачката интелигенција.

Сепак, не е целосно јасно колку точно учествувала самата вештачка интелигенција во проектот, ниту каде започнува нејзиниот вистински придонес.

Автомобил што изгледа како да излегол од видео-игра

„Ferrari F76“ изгледа како да избегал од футуристичен „racing simulator“.

Возачот и совозачот седат во одделни капсули, меѓу кои поминува масивен аеродинамичен канал, додека целата каросерија функционира како едно огромно крило.

Длабоките странични канали и перфорираните панели дополнително го насочуваат воздухот, а предниот дел се истакнува со широк спојлер меѓу тркалата и вовлекувачки светла – потсетник на тркачките прототипови на „Ferrari“ од минатото.

Најава за иднината на дизајнот

Во Маранело тврдат дека F76 не е само дигитална играчка, туку најава за идната дизајнерска насока на „Ferrari“.

Автомобилот го опишуваат како спој на остри технички линии и скулптурални форми, визуелен јазик што произлегува од „математичка оптимизација управувана од алгоритми“.

Со други зборови – компјутерскиот код како нова форма на уметност.


Ексклузивност достапна само за избраните

Најинтересно е тоа што F76 не може да се купи на класичен начин.

Тој е достапен само за членовите на приватниот „Ferrari Hyperclub“, кои во текот на три години ќе добијат сопствена, персонализирана дигитална верзија на автомобилот во форма на NFT-токен.

Цената, се разбира, не е објавена, а секоја креација постои исклучиво како дигитална датотека, пренесува „Jutarnji“.