Додека „Ford“ не може да пополни 5.000 работни места за механичари, генерацијата Z избира занаетчиски училишта наместо факултети, обидувајќи се да избегне студентски кредити и да обезбеди добро платена работа.
Нема само Балканот проблем со недостаток на квалификувани работници во индустријата и занаетчиството. Големите светски економии се соочуваат со сличен проблем. Имено, американскиот автомобилски гигант „Ford“ во САД не може да пополни 5.000 работни места за механичари, иако нуди плата од 120.000 долари годишно.
Говорејќи во поткастот „Office Hours: Business Edition“, претседателот на „Ford“, Џим Фарли, истакна дека е сè потешко да се пополнат позиции што бараат обука и мануелен труд.
„Се наоѓаме во проблем во нашата земја. Не зборуваме доволно за тоа. Имаме повеќе од еден милион отворени позиции во критични занимања – итни служби, возачи на камиони, работници во фабрика, водоинсталатери, електричари и занаетчии. Тоа е многу сериозна ситуација“, рече Фарли.

Иако претседателот Доналд Трамп ја насочи својата економска политика кон враќање на производството во САД, сè уште постои голем јаз помеѓу бројот на новоотворени фабрики и бројот на луѓе подготвени да ги пополнат тие работни места.
Според прелиминарните податоци на „Bureau of Labor Statistics“, во август имало повеќе од 400.000 отворени работни позиции во производството, и покрај стапката на невработеност од 4,3 проценти – што е повеќе од претходните години.
Студија од 2024 година, спроведена од страна на „Manufacturing Institute“ и „Deloitte“, исто така покажа дека повеќе од половина од 200 анкетирани производствени компании ја наведуваат регрутацијата и задржувањето на работници како свој најголем проблем.
Сепак, Фарли нагласи дека токму занаетчиските работи, како оние во „Ford“, ја изградиле Америка и им овозможиле на луѓето да имаат добар живот.
„Компанијата сега постигнува подобри резултати во поглед на платите. Го укинавме најнискиот степен на платна скала и договоривме зголемување на платите за 25 проценти во следните четири години, како дел од спогодбата со синдикатот ‘United Auto Workers’ од 2023 година. Но, дел од проблемот со недостатокот на работници во производството лежи во недоволното образование и обука. Потребни се најмалку пет години за да се научи како се вади дизел мотор од камион ‘Ford Super Duty’. Сегашниот систем не ги исполнува стандардите“, додаде претседателот на „Ford“.

Тој истакна дека Америка веќе нема доволно занаетчиски училишта и не инвестира во образование на новите генерации луѓе кои немаат ништо.
Сепак, помладите генерации можеби се оние што ќе ја пополнат празнината во производствените занимања. Генерацијата Z сè повеќе се оддалечува од традиционалниот пат на факултетско образование и се запишува во занаетчиски училишта, настојувајќи да избегне огромни студентски кредити и истовремено да обезбеди добро платена работа.
Запишувањето во стручни училишта во САД пораснало за 16 проценти минатата година, достигнувајќи го највисокото ниво откако „National Student Clearinghouse“ ги следи овие податоци.
Сепак, според студија на платформата за вработување „Ladders“, најплатените работни места – со приходи над 200.000 долари годишно – и понатаму бараат напредни академски дипломи.