Излечен алкохоличар кој е трезен повеќе од десет години објасни три клучни разлики што ги забележал меѓу себе и луѓето кои можат да пијат без да развијат зависност. Кори Ворен поминал низ повеќе периоди на рехабилитација пред да престане да пие, а како јасен знак на алкохолизам го наведе тоа што „од понеделник до четврток опсесивно размислувал за алкохол“, сè додека повторно не можел да пие многу за време на викендот.
Тој се потсети и дека се расправал со пријателите, возел во пијана состојба и постојано се извинувал, „а потоа ќе се завртел и сè ќе го повторел одново“.
Ворен се отрезнил во 2011 година и оттогаш отворено зборува за алкохолизмот, обидувајќи се на другите да им објасни како изгледа животот со зависност. Во едно од своите видеа истакна дека првата голема разлика е тоа што луѓето кои не се зависни „не размислуваат за пијалак кога не пијат“. За себе рече: „Размислувам за тоа на работа, размислувам за тоа на вечера. Ако не пијам, можам да ви гарантирам дека размислувам за пијалак“. Додаде дека времето кога не пиел го поминувал броејќи до моментот кога повторно ќе може да почне.
Втората разлика, според неговите зборови, се однесува на количината и чувството по престанокот. Иако вели дека можел „да испие едно или две пијалаци и да застане“, нагласува дека „никогаш не сакал да застане“, бидејќи тоа никогаш не му било доволно. Објасни дека „секогаш сакал уште еден пијалак“, дури и кога физички можел да престане по неколку чаши.
Третата и последна разлика, како што вели, е тоа што луѓето кои пијат умерено „секогаш имаат причина да не пијат“. Како примери наведе: „Морам рано да станам, да одам на работа или вечерва морам да возам“. За себе го кажа спротивното: „Јас секогаш имав изговор да пијам“.
Тој додаде и предупредување: „Ако вашето пиење имало нешто слично на моето, жал ми е што морам да ви го кажам ова, но тоа не е уживање, тоа е контрола“. Пораката ја заклучи со зборовите: „Ако сакате да си го подобрите животот, почнете така што ќе го исфрлите алкохолот“.











