Земање оброк или грицкање во часовите пред легнување може да испрати погрешен сигнал до организмот. Наместо да ја трошат енергијата, телата тогаш полесно складираат масти, а истовремено следниот ден можете да се чувствувате уште погладни.
Затоа многумина се придржуваат на правилото да не јадат по 19 часот, за да ја поттикнат природната способност на телото да согорува масти. Иако звучи како урбана легенда, ова правило има научна поддршка. Една илустративна симулација јасно покажува зошто е така.
Ако успеете да се справите со вечерниот глад, телото влегува во поволен циклус на инсулин, при што нивото на овој хормон ноќе останува пониско. Тоа го забавува варењето и го прeфрла организмот во режим на согорување масти, што дополнително ги засилува ефектите од здравите избори кои ги правите во текот на денот.
Ваквиот ритам не само што помага при слабеење, туку ја намалува и надуеноста и придонесува за чувство на ситост за време на редовните оброци, што го олеснува одбивањето на непотребни грицки.
Прекинувањето со внесување храна во вечерните часови носи и бенефити слични на интермитентно постење, бидејќи најголемиот дел од дванаесетчасовниот период без храна го поминувате спиејќи.
Истражување на Медицинската школа на Харвард дополнително ја потврдило пораката дека не треба да се јаде доцна навечер, со изненадувачко откритие дека ноќното грицкање всушност ја зголемува гладта следниот ден.
Во студијата, учесниците биле поделени во две групи: оние кои јаделе порано и оние кои вечерале подоцна, со строго контролирана исхрана. Утврдено е дека кај групата која јадела подоцна се забележани изразени промени во нивото на два клучни хормона кои ја регулираат гладта, лептин и грелин.

Јадењето доцна ја намалува продукцијата на лептин во следните 24 часа, поради што е потешко да се почувствува ситост по оброк и да се одолее на желбата за ужинка. Исто така, забележано е дека оваа група побавно согорува калории за време на спиење и дека се активираат гени поврзани со зголемено складирање масти.
Професорот Френк Шир од Медицинската школа на Харвард, главен автор на студијата, истакнал дека поместувањето на оброците само за четири часа подоцна има значително влијание врз нивото на гладта, начинот на кој согоруваме калории по јадење и начинот на кој телото складира масти.
Доцното вечерање исто така значи дека телото вари храна додека се обидувате да заспиете, што го зголемува ризикот од горушица (враќање на киселината од желудникот во хранопроводот) и проблеми со варење, го покачува нивото на шеќер во крвта и го отежнува квалитетниот сон.

Ако успеете да престанете со јадење три часа пред легнување, голема е веројатноста дека ќе се будите посвежи, со повеќе енергија и со видливо потенок струк.












