Додека многумина сонуваат за скапи зимски дестинации како Лапонија, патувањата во текот на празниците често претставуваат голем удар на буџетот. Сепак, поволен зимски одмор е можен, а една експертка открила три градови кои можете да ги посетите за помалку од 200 евра.
Патописната блогерка позната како @emsbudgettravel ги сподели своите препораки во видео за своите 105.000 следбеници, пишува „Daily Mail“.
„Ова се моите три омилени градови за достапен зимски одмор“, рекла таа во исечокот.
Потценетиот скапоцен камен на Кавказ: Ереван
„Мојата прва препорака е малку надвор од вообичаените патеки, но ова е еден од моите омилени градови кои ги посетив оваа година – и е совршен за ограничен буџет“, започнала Ем, препорачувајќи го Ереван во Ерменија.
Таа советува дека летовите можат да се најдат поевтино ако патувањето се комбинира со застанување во некој поголем град, како Рим. Според нејзиното искуство, успеала да најде сместување во центарот на градот за само 14 евра по лице за ноќ, додека возењето со метро чини само 24 центи.
„Исто така, е опкружен со прекрасни планини и пејзажи, а многу е евтино да се оди на еднодневна екскурзија во природа, која најверојатно ќе биде снежна“, додала.
Живописниот полски град: Познан
Втората препорака нè води во Полска, во градот Познан, кој се гордее со прекрасниот стар град и живописната гастрономска сцена со вкусни и ценовно достапни опции. Ем истакнува дека градот нуди многу активности за оние со ограничен буџет.
„Многу работи може да се прават со ограничен буџет, како Посетата на Куќата на палми или неверојатниот спа центар во градот“, кажала, нагласувајќи дека тричасовната влезница за спа центарот чини само 18 евра. „Мислев дека ова е толку потценет град“, открила, додавајќи дека воопшто не заостанува зад попопуларните полски дестинации.
Балтичка бајка: Талин
„Мојата последна препорака е во балтичкиот регион на Европа“, најавила Ем. „Исто така, неодамна видов некои навистина достапни летови тука.“
Станува збор за Талин во Естонија, кој таа го опишала како еден од најживописните градови што некогаш ги посетила. Сместувањето е исто така достапно – Airbnb во самото срце на стариот град платила 24 евра по лице. Посетителите кои дојдат во текот на празничната сезона ќе бидат воодушевени и од прекрасниот божиќен пазар.
Патниците ја потврдија препораката
Видеото собрало повеќе од 53.000 лајкови, а следбениците во коментарите ги споделиле своите искуства и планови. „Познан е прекрасен! Толку вкусна храна, а луѓето се толку пријателски настроени“, напишал еден корисник. „Го додавам Ереван на мојата листа желби за следната година“, се сложил друг. Една следбеничка открила дека наскоро патува токму во естонската престолнина: „Одам во Талин за роденден за нешто повеќе од една недела и ќе бидам таму на божиќните пазари – едвај чекам.“












