[ФОТО] Мрме со остра критика за изборот на Седлоски за нов селектор, Пандев жестоко му врати: „Замислениот Наполеон, експертот кој во ниеден клуб не се задржа повеќе од 2-3 месеци“

Точка

24/12/2025

16:24

944

Големина на фонт

а а а

Изборот на Гоце Седлоски за нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија предизвика жестока јавна расправија меѓу поранешниот селектор Игор Ангеловски и директорот на националните репрезентации, легендарниот Горан Пандев. На обраќањето на Ангеловски реагираше и првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Несогласувањата кулминираа на социјалните мрежи, каде што Ангеловски јавно го изнесе својот став за одлуките на раководството на ФФМ, по што следуваше остра реакција од Пандев.

Во својата објава, Ангеловски напиша:

„Селекторот Гоце Седлоски ни риба ни девојка!

Несериозен пристап на раководството на ФФМ заедно со УО најпрво со селекторот Благоја Милевски, а сега и со изборот на новиот селектор Гоце Седлоски за клучните натпревари за пласман на Светско првенство кој претставува национално прашање!

Комисија или одлука на УО на ФФМ сеедно е!


При избор на селектор треба да се има сериозен пристап. Таа функција не трпи пресметки како за избор на гувернер на национална банка на една држава каде се „регулираат парите во оптек”.

Вие не правите разлика, важно е само личните интереси да Ви бидат задоволени. Ваков скандал колеги „мои” кои сте во комисијата и сакате да се амнестирате Ве молам да не ми се јавувате! Одважете се и излезете јавно! Сите сте докажани, реализирани фудбалски професионалци! Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат „фудбалски стаорци”.

После сѐ што слушнав на денешниот семинар за тренери носители на про-лиценца кој се одржуваше во исто време кога беше промоција на новиот селектор во хотелот „Хилтон“ и тоа од моите колеги кои беа во огромен број е причината да излезам јавно и да го изнесам мојот став.

Ако еден зборува тогаш или е до него или е до тебе. Ако двајца или повеќе зборуваат тогаш г. Омерагиќ треба да се замислиш.

Mакедонскиот фудбал ова не го заслужува!

Игор Ангеловски – поранешен селектор на Македонската фудбалска репрезентација кој заедно со целиот стручен штаб, играчите, техничкиот и медицинскиот персонал го постигна најголемиот историски успех во македонскиот фудбал – Пласман на Европско првенство“.

Набргу потоа, на ова реагираше поранешниот капитен и најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација, Горан Пандев, кој жестоко му возврати на Мрме:

„Се јави големиот селектор, големиот „патриот“. Не дочека ни 6 часа да почне да плука. Замислениот Наполеон. Експертот кој во последните години во ниеден клуб не се задржа повеќе од 2-3 месеца. Шарлатан кој секогаш се става во прв план. Ајде со мене во пензија, доста ти беше, поминато времето на шуто и рогато во ФФМ“.

На оваа тема се огласи и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој на брифингот со новинарите изјави дека „Ангеловски некои свои лични амбиции ги ставил пред репрезентацијата“.

„Би сакал да каже кои се личните интереси кои ги имаме. Јас немам такви, работам про-боно. Крајно некоректно беше веднаш да реагира, можеше да почека. Тоа кажува само за себе. Му посакувам добро здравје, да поработи на тренерските способности, бидејќи неговите последни ангажмани траеја пократко од рокот на јогуртот во супермаркет. Јас му се јавив лично двапати, да му укажам дека е еден од кандидатите. Од таа причина му кажав дека размислуваме меѓу него и Седлоски. Се одлучивме за новата енергија. Буквално ќе кажам, по таков напад мора да се каже и другата страна. Ни одговори дека би работел пак во федерацијата и кажа дека ќе ја поддржи нашата одлука и тоа јавно. Тоа е неговото мислење, не е во прв план“, истакна Омерагиќ.