Бил Гејтс се извинил пред персоналот на Фондацијата Гејтс поради своите врски со Џефри Епстин. Тој признал дека направил грешки кои фрлиле сенка врз добротворната организација, но истакнал дека не учествувал во злосторствата на Епстин, пишува „The Wall Street Journal“.
На состанокот одржан вчера, коосновачот на „Microsoft“ признал дека имал две афери со Русинки, за кои подоцна дознал Епстин, но нагласил дека тие не вклучувале жртви на Епстин. „Не направив ништо незаконско. Не видов ништо незаконско“, рекол Гејтс според снимката што ја преслушал „The Wall Street Journal“.

Гејтс коментирал и фотографии од неодамна објавените документи на Епстин, на кои е прикажан со жени чии лица се замаглени. Тој тврди дека Епстин го замолил да се слика со неговите асистентки по состаноците. „За да бидам јасен, никогаш не поминував време со жртви, жените од неговото опкружување“, изјавил тој.
„Беше огромна грешка да се поминува време со Епстин“ и да се доведува раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуален престапник, рекол тој. „Се извинувам на сите кои беа вовлечени во ова поради грешката што ја направив.“
Милијардерот открил дека неговите средби со Епстин започнале во 2011 година, години по тоа што Епстин во 2008 признал вина за подводување на малолетничка. Гејтс рекол дека знаел за „некоја 18-месечна мерка“ која му го ограничувала патувањето на Епстин, но дека не го проверил доволно неговото минато.

Состаноците ги продолжил дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Франчес Гејтс, во 2013 година изразила загриженост. „Со она што сега го знам, сето тоа е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека станува збор за континуирано лошо однесување“, рекол Гејтс пред персоналот.
За поранешната сопруга додал: „Морам да ѝ одам признание, секогаш беше доста сомничава кон целата приказна со Епстин.“ Гејтс вчера им рекол на вработените дека продолжил да се среќава со Епстин до 2014 година, дека со него летал со приватен авион и поминувал време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не преспав кај него“, рекол тој, ниту го посетил островот на Епштајн.
Рекол дека Епстин „зборувал за блиски односи кои ги има со многу милијардери, особено со оние од Вол Стрит“, и го уверувал дека може да помогне да се соберат пари за цели како глобалното здравство. Гејтс додал дека присуството на други угледни луѓе на тие состаноци придонело за „осет на нормална ситуација“.

Признал дека разбира дека неговата поврзаност со Епстин му помогнала и на самиот сексуален престапник да го поправи својот углед. Гејтс признал дека неговите врски со Епстин и неодамна објавените е-пошти од документите на Министерството за правда фрлиле сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзиниот углед.
„Тоа е целосно спротивно на вредностите и целите на Фондацијата“, рекол тој. „Нашата работа е многу чувствителна на угледот. Луѓето можат да изберат дали ќе соработуваат со нас или не.“ Портпаролот на Фондацијата Гејтс изјавил дека Гејтс одржува такви состаноци со вработените двапати годишно и дека „отворено зборувал, детално одговарал на неколку прашања и презел одговорност за своите постапки.“