Светски познатиот стручњак за долговечност Ден Бјутнер сподели рецепт за изненадувачки едноставен оброк за кој верува дека може да ви помогне да доживеете 100 години. Неговата тајна се заснова на прехранбените навики на таканаречените Сини зони.
Светски познатиот експерт за долговечност и соработник на „National Geographic“, Ден Бјутнер (Dan Buettner), кој со децении ги проучува најдолговечните популации во светот, открил изненадувачки едноставен оброк за кој верува дека може да им помогне на луѓето да живеат до 100 години.
Рецептот го споделил со своите 817.000 следбеници на Инстаграм, нарекувајќи го еден од „најздравите оброци на планетата“. Истакнал дека тоа е начин на исхрана што секојдневно го практикуваат најдолговечните луѓе во светот и дека се заснова на само четири едноставни состојки.
Црн грав, авокадо, сладок компир и ориз
„Црн грав, авокадо, сладок компир и ориз – тоа е она што најдолговечните луѓе во светот го јадат секој ден“, објавил тој, укажувајќи на прехранбените навики на таканаречените Сини зони, региони што посебно ги проучувал откако заклучил дека луѓето таму редовно доживуваат 100 години.
Овој 65-годишник претходно открил дека неговиот личен лекар го нарекол „најздравиот пациент“ во својата пракса, што тој го припишува на своите секојдневни прехранбени навики. Додека здравствените трендови често се фокусираат на скапи суплементи или диети богати со протеини, Бјутнер инсистира дека долговечноста е многу поедноставна и подостапна.
Тој повеќепати ги истакнувал традиционалните јадења од Сините зони, вклучувајќи го и познатото сардинско минестроне, како вистинска тајна на долгиот живот. Оваа супа, полна со мешунки, зеленчук и житарки, се јаде секојдневно со генерации во делови од Италија каде што луѓето често доживуваат длабока старост.
„Секој ден го започнувам со сардинско минестроне“, изјавил тој порано, објаснувајќи дека тоа јадење обезбедува долготрајна енергија, влакна и клучни хранливи материи.
Неговата најнова чинија со четири состојки го следи истиот принцип, нудејќи избалансирана комбинација на хранливи состојки. Гравот обезбедува растителни протеини и влакна, слаткиот компир дава јаглехидрати што се ослободуваат бавно и антиоксиданси, авокадото носи здрави масти, а интегралниот ориз го заокружува оброкот со целозрнести житарки што ја зголемуваат енергијата.
Конзистентност, а не екстреми
Според опсежното истражување на Бјутнер за Сините зони, кое го претставил и во популарната „Netflix“ серија „Live to 100“, оваа комбинација од мешунки, зеленчук и нерафинирани јаглехидрати е силно поврзана со пониски стапки на хронични болести, помалку воспаленија и подолг животен век.
Сепак, исхраната е само дел од пошироката слика. И покрај доследниот начин на исхрана, Бјутнер ја нагласува и важноста на социјалните врски, откривајќи дека често јаде надвор од дома за да одржува блиски односи со луѓето.
„Најчесто јадам целосна, растителна храна, но знам дека социјалната поврзаност е дел од факторите што водат до сто години живот“, рекол тој, напоменувајќи дека изолацијата може да биде исто толку штетна како и лошата исхрана. Неговиот пристап покажува дека здравиот живот не значи нужно откажување од социјалниот живот.
Неговиот освежувачки реален поглед на светот е добро прифатен меѓу следбениците, а многумина ја истакнуваат идејата дека долговечноста се гради со конзистентност, а не со екстреми.
За Бјутнер, формулата останува едноставна: вистинска храна, редовно консумирана и споделена со други.
„Се хранам здраво, останувам поврзан со луѓето, се чувствувам прилично добро“, рекол тој. Со оглед на глобалниот интерес за Сините зони и едноставноста на подготовката на ова јадење, јасно е зошто милиони сакаат да го испробаат.














