Хрватскиот град Света Недеља стана вистински феномен и светол пример за демографски и економски „бум“. Со рекордни приходи, постојан раст на населението и иновативни мерки на социјална политика, овој град со право ја носи титулата „град на иднината“ на Хрватска.
Она што особено го привлече вниманието на јавноста, а кое хрватскиот министер за демографија Иван Шипиќ го пофали како пример за добра пракса, е воведувањето на таканаречената услуга „баба-дедо сервис“. Имено, градот воведе иновативна демографска мерка со која се плаќа месечна такса до 360 евра за грижа за внуците кои не успеале да добијат место во локалната градинка.

Успехот на Света Недела, како што покажуваат податоците, воопшто не е случаен. Градот се гордее со просечен приход по жител од 7.254 евра, што е највисок износ меѓу градовите со средна големина во земјата, како и една од најниските стапки на невработеност. Претприемачите со седиште во овој град остварија импресивни приходи од повеќе од две и пол милијарди евра, со што се потврдува дека Света Недела е апсолутен економски „мотор“ на регионот.
Благодарение на овој стандард, градот стана вистински магнет за млади семејства и сите оние кои бараат подобар квалитет на живот. За само три години, помеѓу 2021 и 2024 година, е забележан импресивен демографски скок од дури 8,55 проценти, со што градот доби повеќе од 1.500 нови жители.
Премиерот Андреј Пленковиќ, кој го посетил овој град за да присуствува на свечена седница по повод Денот на градот, упатил силни пофалби до локалната самоуправа предводена од градоначалникот Дарио Зуровец. Пленковиќ истакнал дека благодарение на политиката на децентрализација, Света Недеља ги зголемила своите приходи повеќе од двојно од 2017 година.

Клучните проекти за понатамошен развој вклучуваат реконструкција и проширување на автопатот од Брегана до раскрсницата Јанкомир, како и нов железнички проект што ќе ги поврзе Подсуседе, Самобор и Света Недеља, што треба дополнително да го растерети сообраќајот.
Покрај сето ова, градот се потпира на стратешки инвестиции во образованието, при што три институции се вклучени во националниот циклус на обнова во вредност од 3,2 милијарди евра, што дополнително ја зајакнува неговата привлечност за младите. Интересно е и тоа што посетата на хрватскиот премиер на овој град што ги соборува рекордите послужи како сцена за објавување на нов, многу построг пакет мерки за борба против инфлацијата.