Вчера во Лондон се одржа премиерата на втората сезона од серијата „MobLand“, во која глумат Хелен Мирен, Том Харди, Пирс Броснан и многу други.
И додека серијата го следи семејството Хариган, поранешниот таен агент 007 одлучил и црвениот килим да го претвори во „семејна работа“, па на премиерата пристигнал со своето најмладо дете, Парис Броснан.
Пирс изгледал феноменално во беспрекорен костум со пруги и дворедно закопчување, кој го комбинирал со кошула и црна вратоврска со дезен.

Од друга страна, неговиот 25-годишен син Парис се решил за поопуштен изглед, појавувајќи се во кафеави панталони од сомот, едноставна бела блуза и кафеава кожена јакна во винтиџ стил.
Со темната, бујна коса зачешлана наназад, беше јасно дека моделот и уметник ги наследил шармот и убавината на филмска ѕвезда од својот татко.
Потсетуваме, Парис е најмладиот од петте деца и е еден од двајцата синови што Пирс ги има со сопругата Кили Шеј Броснан.

Покрај Парис, тие го имаат и синот Дилан (29).
Од бракот со Касандра Харис, Броснан има три деца: Шарлот, која за жал почина во 2013 година, Кристофер Броснан (53) и Шон Броснан (42).
Шарлот и Кристофер се деца на Касандра од нејзиниот прв брак, кои Пирс подоцна ги посвоил.
И покрај тоа што пораснал со еден од најпрепознатливите холивудски актери како татко, Парис со голема топлина зборувал за вредностите што Пирс му ги всадил.
Во неодамнешно интервју за германското списание „GQ“, Парис открил дека најважниот совет што му го дал неговиот татко бил едноставно „да биде љубезен кон другите“.
Тој, исто така, им се заблагодарил на своите родители што го охрабрувале да остане свој додека ја градел сопствената кариера во уметноста, манекенството и филмот.
Пирс, во меѓувреме, јасно ставил до знаење дека никогаш не сакал да им диктира на своите синови во која насока треба да се движат нивните животи.
„Моите момчиња се академски ориентирани и имаат креативен инстинкт и интуиција за уметноста. Затоа не се обидувам да ги насочувам“, изјавил своевремено Пирс за Гардијан.
Парис работел како модел за големи модни куќи како „Долче и Габана“ и „Балман“, а паралелно развивал и кариера како уметник. Треба да се спомене и дека се испробал во актерството.
Од друга страна, Дилан е музичар и актер.
И двајцата синови истакнуваат дека имале најдобри родители што некој може да ги посака, додека Парис рекол дека неговиот татко знае да биде прилично строг кога станува збор за дисциплината.
Самиот Пирс еднаш го опишал својот родителски стил како „поблаг“, иако нагласил дека постои една работа што никогаш не би ја толерирал кај своите деца – лажењето.