На преминот во новиот век, Бил Гејтс ко – основачот на Мајкрософт, сподели низа свои технолошки предвидувања, во својата книга „Business @ The Speed of Thought“. Секако ова не значи дека Гејтс е Нострадамус, туку дека уште во 1999 година поседувал длабоко разбирање за технологија како и за насоката кон која се движеше таа.
Овие се петнаесетте предвидувања на Гејтс коишто се остварија.
Гејтс очекувал развој на веб – страници коишто ќе овозможат споредба на цените на различни производи. Денес таквите платформи го олеснуваат пронаоѓањето на најдобрите понуди во сите индустрии.
Во својата книга Гејтс ја предвидел сеприсутноста на мобилните телефони. Тој напишал дека „секојдневно ќе носиме мали уреди коишто ќе ни овозможуваат постојана поврзаност и работење каде и да се наоѓаме“, а денешните „смарт“ телефони дури и ја надминуваат оваа визија на Гејтс.
Гејтс предвидел дека луѓето ќе ги плаќаат сметките, ќе управуваат со своите финансии и ќе комуницираат со лекарите преку интернет. Денес го употребуваме интернет – банкарството и телемедицинските услуги, коишто овозможуваат поедноставно управување со финансиите и здравјето.
Иако точно не ги предвидел „Alexa“ и „Siri“, Гејтс зборувал за лични асистенти коишто ќе ги синхронизираат уредите, ќе собираат податоци и ќе ги олеснуваат секојдневните задачи, а денес со присуството на бројните виртуелни помошници ова стана реалност.
Гејтс предвидел постојани видео – преноси коишто ќе нè известуваат кога некој ќе го посети нашиот дом во наше отсуство, а денешните уреди како што е „Google Nest“ го овозможуваат токму тоа.
Гејтс зборуваше за „приватни веб – страници“ за семејствата и пријателите. Иако социјалните мрежи како што се Фејсбук, Х и Инстаграм не се сосема приватни, сепак овозможуваат постојана поврзаност со одредени групи луѓе.
Гејтс предвидел појава на софтвер којшто врз база на нашите активности и купувања ќе ни предлага понуди и активности на одредени места. Денес алгоритмите за рекламирање користат слични податоци за да ги приспособат рекламите кон нашите интереси.
Гејтс сметал дека уредите ќе ги познаваат нашите куповни навики и ќе ни прикажуваат реклами во согласност со нашите преференции. Денес овој вид на таргетирано рекламирање е особено присутен на интернетот.
Гејтс предвидел услуги коишто ќе овозможат расправи, за различни нешта, како што се спортски настани и тоа во реално време (во живо). Денес социјалните мрежи и спортските форуми им овозможуваат на навивачите да ги следат натпреварите и да ги коментираат во живо.
Гејтс предвидел дека телевизиските преноси ќе вклучуваат линкови од релевантни веб – страници и содржини поврзани со програма. Денешните преноси честопати нудат „QR“ кодови или „URL“ коишто гледачите ги насочуваат кон дополнителни информации.
Гејтс замислил платформи преку коишто граѓаните ќе можат да расправаат за локални проблеми преку интернет. Оваа негова визија денес се остварува по пат на бројни онлајн форуми и заедници.
Гејтс предвидел дека луѓето ќе бидат поврзани врз база на интереси, а не локации. Денес платформите како што е „Reddit“ овозможуваат глобална поврзаност на луѓе со исти интереси, независно од нивното место на живеење.
Гејтс предвидел софтвер којшто ќе ја олесни работата на работните тимови. Денес апликациите како што се: „Slack“ и „Microsoft Teams“ претставуваат клучни алатки за комуникација и организација во модерните компании.
Гејтс предвидел дека луѓето ќе можат да бараат работа и да се поврзуваат со работодавците преку интернет, а денес „Linkedln“ е водечка платформа за професионално вмрежување и вработување.
Тој исто така предвидел и платформи коишто на компаниите ќе им овозможат да се натпреваруваат за проекти и соработка, а ова исто така се исполни со оглед на тоа дека денес платформите како што се „Upwork“ и „Fiverra“ им го олеснуваат пронаоѓањето на клиенти и работа на малите компании.