Светот на нуркачките часовници станува сè покреативен, а најнов пример за тоа е "Ulysse Nardin Diver Hammerhead Shark", модел со врежан мотив на ајкула-чекан.
Амбасадор на брендот веќе извесен период е Мајк Куц, фотограф и сурфер кому ајкула му ја откина ногата. Часовникот е токму инспириран од неговата лична приказна, која ја пренесуваат колегите од сајтот "Index".
Наместо да ги мрази суштествата што му го сменија животот засекогаш, Куц развил длабока емпатија кон ајкулите и решил подобро да ги разбере:
„Со годините се заљубував сè повеќе во ајкулите. Тие не само што се прекрасни, туку се и клучни за здравјето на планетата“, изјавил тој.
Неговите напори наводно биле клучни за кампањата која во 2010 година резултирала со усвојување на закон на Хаваите што го забрани поседувањето на перки од ајкула.
А сега неколку детали за самиот часовник:
"Ulysse Nardin Diver Hammerhead Shark" има куќиште со ширина од 44 mm и дебелина од 14,81 mm, изработено од титаниум, со гумирани елементи за подобра заштита. Назабената вртечка круна е заштитена со црвени штитници кои делуваат како да се гумени.
Бројчаникот се одликува со големи главни стрелки, издигнат мотив во форма на буквата „X“, како и тродимензионални часовни маркери. Над ознаката за 6 часот се наоѓа датум, а под 12 часот индикатор за резерва на енергија.
Внатрешноста го крие "Ulysse Nardin UN-118" механички калибар, со работна фреквенција од 4 Hz и резерва на енергија до 60 часа.
Часовникот доаѓа со два вида ремени: син гумен или синко-црвен текстилен.
Моделот ќе биде достапен во ограничена серија од 300 нумерирани примероци, по цена од 11.500 швајцарски франци (околу 12.253 евра).