Продажбата на "PS5" ја достигна онаа на "PS4", но се очекуваат падови и поскапувања

Супермен

30/05/2025

14:01

343

Големина на фонт

а а а

"Sony" досега има продадено 77,8 милиони конзоли "PlayStation 5", откако уредот беше пуштен во продажба во 2020 година. Само во последниот квартал беа испорачани уште 2,8 милиони единици, соопшти компанијата.

Овој број речиси се совпаѓа со продажбата на "PlayStation 4", која достигна 79,1 милион единици во сличен временски период. Сепак, вкупната продажба на "PS5" во фискалната 2024 година изнесувала 18,5 милиони единици, што е помалку во споредба со 20,8 милиони продадени во 2023 година.

Намалувањето на продажбата на конзолата е делумно надоместено со раст на продажбата на видеоигри од 9%, што придонело оперативниот профит на гејминг-секторот да порасне за 43% во однос на претходната година. Овој раст главно се должи на продажбата на игри од трети страни, додека продажбата на игри од сопствена продукција на "Sony" бележи благ пад. Досега оваа година е објавена само една "first-party" игра, а сè уште се очекуваат клучни наслови како „Death Stranding 2: On the Beach“ и „Ghost of Yōtei“.


Но, "Sony" не очекува овој позитивен тренд да продолжи. Компанијата предвидува загуба од 100 милијарди јени (околу 700 милиони долари) во продажба во текот на следната година поради царински давачки, имајќи предвид дека најголем дел од продажбата се остварува во САД. Компанијата веќе претходно предвиде стагнација на приходите во 2025 година, а дополнителен удар дојде со одложувањето на излегувањето на „Grand Theft Auto VI“ од Rockstar, кое е поместено за мај 2026 година.

Во рамки на извештајот за финансиските резултати, "Sony" изјави дека разгледува можност за „префрлување“ на зголемените царини врз потрошувачите, иако не беше конкретно спомнат ниту "PS5", ниту американскиот пазар. Со други зборови, тоа може да значи нови поскапувања на "PlayStation" конзолите и игрите.

Компанијата веќе има зголемено цени на други пазари, вклучувајќи ја и Европа. Извршниот директор на "Sony", Хироки Тотоки, исто така спомена можност за производство на "PlayStation 5" во САД, велејќи дека тоа е нешто што „мора да се разгледа во иднина“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk