Пријателот на Михаел Шумахер сподели потресни детали за неговата состојба

Точка

22/06/2025

10:16

1.636

Големина на фонт

а а а

Блискиот пријател и поранешен шеф на Михаел Шумахер, Флавио Бријаторе, ја сподели емотивни вести за состојбата на легендата на Формула 1.

Шумахер претрпе тешка повреда на мозокот по несреќата на скијање во декември 2013 година, а неговата сопруга Корина не споделуваше многу детали за неговиот третман, пренесе „Мирор“.

Многу малку луѓе имаа можност да го посетат, но се знае дека дури и по повеќе од 11 години по несреќата, тој сè уште има потреба од постојана грижа.


Бријаторе, кој го донесе Шумахер во Бенетон и му помогна да освои две светски титули е еден од ретките што го посетиле по несреќата.

Запрашан за моменталната состојба на Шумахер, Бријаторе за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ изјави: „Кога ги затворам очите, го гледам како се смее по победата. Претпочитам таков да го паметам отколку да го гледам како лежи в кревет. Често разговарам со Корина“.

По несреќата, Шумахер помина 250 дена во медицински предизвикана кома пред да му биде дозволено да се врати дома и да продолжи со лекувањето. Иако информациите се оскудни, Корина сподели некои детали во документарецот на Нетфликс за Шумахер од 2021 година.


„Михаел ми недостига секој ден. Но, не сум единствената што го сака. Им недостига на децата, на неговото семејство, на неговиот татко, на сите околу него. Сите го сакаат Михаел, но тој е тука. Тој е различен, но е тука, и тоа нѝ дава сила“, рече таа.

„Ние сме заедно. Живееме заедно дома. Правиме терапии. Правиме сè што можеме за Михаел да биде подобар и да му биде удобно. И едноставно да го почувствува нашето семејство, нашата поврзаност. Многу ми е важно тој и понатаму да може да ужива во својот приватен живот колку што е можно повеќе. Тој отсекогаш нè штител, а сега ние го штитиме него“, рече таа тогаш.


Жан Тод, кој беше шеф на тимот на Ферари кога Шумахер освои пет последователни светски титули, исто така ја посетувал легендата на Ф1 по несреќата.

„Михаел е тука, па не ми недостига“, изјави Тод за „L’Equipe“ во 2023 година.

„Но, тој едноставно не е оној Михаел што беше порано. Тој е различен и за него прекрасно се грижат неговата сопруга и децата кои го штитат. Неговиот живот сега е различен и имам привилегија да споделувам моменти со него. Тоа е сè што може да се каже. За жал, судбината го погоди пред 10 години. Тој повеќе не е оној Михаел што го знаевме во Формула 1“, додаде тој.