Додека телото губи повеќе вода во текот на летото, ризикот од дехидратација се зголемува, особено ако не внесуваме доволно течности.
Меѓутоа еден едноставен тест со штипење на кожата може да ви помогне да проверите дали сте доволно хидрирани.
Високите температури во текот на летото, особено во комбинација со подолг престој надвор и евентуална физичка активност, значат дека телото ќе изгуби повеќе течности од вообичаеното, а доколку не пиете доволно вода, ризикот е поголем.
И додека понекогаш ја игнорираме жедта или ја гасиме со погрешни пијалаци и храна, дехидратацијата тивко ја презема контролата врз нашето тело.
Во текот на летото, телото се поти повеќе од вообичаено за да се олади, што е нормален механизам за намалување на телесната температура и на тој начин не се губи само вода, туку и драгоцени електролити, односно натриум, калиум и магнезиум. Доколку не ги надоместиме навреме, дехидратацијата може да доведе до низа непријатни симптоми.
Најчестите последици од дехидратацијата се:
главоболка и вртоглавица,
сува уста и чувство на „тежок јазик“,
замор и губење на концентрација,
темна и поретка урина,
мускулни грчеви
забрзан пулс и чувство на забрзано дишење.
Во случај на потешка форма на дехидратација, може да се појават несвестица, ненадејни промени во расположението, па дури и сериозни проблеми со срцето или бубрезите, особено кај децата, постарите лица и хронично болните.
За да проверите дали кожата е соодветно хидрирана, можете да направите едноставен тест на кожата.
Тест со штипење за проверка на дехидратација:
Нежно штипнете помал дел од кожата на раката, стомакот или градите и држете неколку секунди, а потоа обрнете внимание на тоа колку брзо кожата се враќа во нормалната положба.
Ако веднаш се врати во нормала, вашата кожа е веројатно добро хидрирана.
Ако се потребни неколку моменти за да се врати, можеби сте малку дехидрирани.
Овој тест го проценува тургорот на кожата, т.е. еластичноста на кожата и способноста да се врати во нормална состојба.
Како што пишува „Healthline“, овој метод не е секогаш точен, па затоа треба да се земе со резерва.
Не е сигурен кај постари лица. Како што старееме, кожата ја губи еластичноста, што предизвикува послаб тургор на кожата, па затоа кај постарите луѓе понекогаш на кожата ѝ треба повеќе време да се врати на своето место дури иако не е дехидрирана. Научна студија од 2015 година објавена во списанието „Clinical Nutrition“ откри дека тургорот на кожата не е ефикасен метод за откривање на дехидратација кај луѓе над 65 години.
Може да биде корисен кај деца. Сепак, се работи за неинвазивен, бесплатен и безболен начин да проверите дали пиете доволно вода и може да биде корисен за тестирање на деца. Преглед на повеќе научни студии објавени во 2007 година во „Emergency Medicine Journal“ покажал дека тестот на тургор на кожата е „умерено точен“ за откривање на нивоата на хидратација кај децата, поради што педијатрите често користат дополнителни тестови.