Патниците од сезона во сезона сѐ почесто ја бираат Албанија како идеална дестинација за летување. Меѓутоа, судејќи по објавите на еден турист и таа е поскапена годинава.
„Доаѓам во Ксамил веќе 20 години во било која доба од летната сезона. Тука времето моментално е одлично, пријатни температури морето топло, метеж нема, пополнетоста е околу 30 отсто на капацитетот од градот, никогаш послабо, очигледно цените си го направиле своето.
Околу 90 отсто од туристите се од Албанија, а нема толку многу Македонци и Срби кои досега редовно одеа тука. Во последно време имаше гости и од Европа и останатиот дел од светот, сега нема ни такви туристи“, ја започнал својата објава туристот на Фејсбук групата „Летување во Албанија“.
Цените во Ксамил
Потоа детално ги опишал цените во рестораните, продавниците и на плажите.
„Цените по рестораните се одлични, во маркетите исто, можеби 10 отсто поскапи од кај нас, сместувањето малку е поевтино во зависност од тоа каде се наоѓа. Јас плаќам апартман 40 евра на 100 метри од плажата Лори која е една од подобрите во Ксамил, особено за деца“, напишал туристот.
Потоа навел дека цените на храната и пијалаците се следни: „Гиро 3,5 евра до 4 евра, пиво 2,5 до 3 евра, сокови 2 до 3 евра, кафе 1,5 до 2,5 евра, коктели до 15 евра, пица 5 до 10 евра, хамбургер 3,5 до 4,5 евра, морски специјалитети од 8 евра па нагоре, месо од 4 евра па нагоре“.
Најскапи – лежалките
Како што навел, најголемиот проблем сезонава се високите цени на лежалките.
„Лежалките тука моментално чинат од 15 до 30 евра, зависи на која плажа сте. Мој впечаток е дека оваа сезона никогаш не била послаба за 20 години колку што го посетувам Ксамил“.
Меѓутоа, тој истакнал дека на Ксамил постојат плажи на кои може да си поставите и свој чадор и лежалка бесплатно.