Поради тоа што цените во популарните европски летувалишта вртоглаво растат, сѐ повеќе туристи од регионот се одлучуваат за некое подалечно патување, а еднакво атрактивно.
Меѓу нив во последните години се издвојува Мароко – земјата која ги спојува егзотиката, богатата култура и пристапните цени.
Во споредба со европските крајбрежја, каде просечниот летен одмор е сериозен финансиски потфат, Мароко нуди луксуз по пристапни цени.
За оние кои сакаат нешто поразлично, песочни плажи на Атлантикот, арапска култура, пустински пејзажи и феноменална кујна, оваа земја на северот од Африка станува неодолива алтернатива.
Што нуди Мароко?
Атлантското крајбрежје е идеално за сончање, сурфање и релаксација, додека пак тамошните градови се хит меѓу младите, дигиталните номади и авантуристи. Љубителите на планините се одлучуваат да се искачат на Тубкал, највисокиот врв во северна Африка, додека пак легендарниот „син град“ Шефшауен е вистински магнет за туристите.
Колку навистина чини летување во Мароко?
Искуството од патниците од Балканот покажува дека сместување со појадок и приватен тоалет може да се најде и за 10-15 евра од ноќ.
Хрватка платила луксузен апартман во Есауири, 600 евра за седум ноќи, а во Хрватска за истите пари одвај би платила за три ноќевања.
Храната? Вечера во локалните ресторани за 2-4 евра. Свеж сок од морков или уличен оброк за 1,5. Слатки и чај за помалку од 2 евра.
Туристите го фалат тоа што во помалите ресторани не прават разлика меѓу локалните жители и странците, сите плаќаат исто, а порциите се навистина обилни.
Совети за патниците:
- Купете си СИМ картичка во градот (не на аеродромот) – 2 евра за 2GB интернет;
- Резервирајте сместување на 7-10 дена однапред за подобра цена;
- Избегнувајте хотели покрај аеродром, центарот нуди подобра атмосфера и пониски цени;
- Уличната храна е безбедна и автентична, но и многу пристапна.