Првото такво поевтино возило ќе биде електричен „пикап“ со цена од околу 30 илјади долари.
Откако „Tesla“ со години доминираше на пазарот на електрични возила, на почетокот од оваа деценија бројни традиционални автомобилски компании најавија влез во оваа индустрија. Се мислеше дека токму тие компании ќе станат најголемата закана за „Tesla“, но се покажа дека вистинската конкуренција доаѓа од – Кина. Возилата од Далечниот Исток се покажаа како технолошки напредни и, што за многумина е најважно, значително поевтини од конкуренцијата.
Оваа недела, од „Ford“ најавија амбициозни планови со кои сакаат да ја променат состојбата на пазарот и во моментов развиваат нова серија електрични возила кои ќе бидат ценовно попристапни. Првото такво возило треба да биде претставено во 2027 година, а станува збор за „пикап“ од средна големина, со почетна цена од само 30 илјади долари. Овој модел, кој ќе има четири врати, ќе се произведува во фабриката на „Ford“ во Луисвил, во која компанијата вложува 2 милијарди долари.
Според извршниот директор на „Ford“, Џим Фарли, компанијата мора да го следи стандардот кој го поставија кинеските производители, иако нивните електрични возила сè уште не се достапни на американскиот пазар. Да потсетиме, Фарли претходно ја изненади јавноста со изјава дека, наместо автомобил од својата компанија, вози електричен автомобил од „Xiaomi“ кој целосно го воодушевил, а во повеќе наврати ги пофалил Кинезите и нивниот пристап кон пазарот на е-возила.
Тој пристап делумно сака да го примени и во „Ford“, иако е свесен дека тоа нема да биде лесно и дека пред нив стојат бројни предизвици. „Не можам со 100 проценти сигурност да кажам дека сè ќе оди како што треба. Тоа е облог. Постојат ризици“, предупреди Фарли.
„Ford“ формираше и посебен оддел кој ќе го води развојот на поевтините модели. На негово чело се наоѓа поранешниот директор во „Tesla“, Алан Кларк, а во тимот се вработени и бројни други поранешни инженери од „Tesla“ и „Rivian“.
Последниве години, голем број компании го пренасочија својот фокус кон поевтини модели – како поради кинеската конкуренција, така и за да ја зголемат побарувачката за електрични возила, бидејќи се покажа дека за многумина тие сè уште се прескапи. Во иднина, така, се очекува „Volkswagen“ да понуди градски автомобил со цена до 20 илјади евра, а дури и од „Tesla“ споменаа помал, а тоа речиси сигурно значи и поевтин „пикап“.
Да потсетиме, неодамна и стартапот „Slate Auto“, поддржан меѓу другото и од основачот на „Amazon“ Џеф Безос, најави производство на електричен „пикап“ со почетна цена од само 20 илјади долари.