Кога пред точно три години го презеде кормилото на „Зара“, Марта Ортега стана најмоќната жена во светот на конфекцијата и така наречената „брза мода“. Во меѓувреме, таа се најде и на чело на семејната империја под чиј покрив сè уште некои познати брендови. Иако богатството на шпанската династија се проценува на 110 милијарди долари, скромноста им е семејна карактеристика, но дали тоа важи и кога ќе дојде време за летен одмор?
Минатата година Амансио Ортега се почестил себеси со суперјахтата „Drizzle“, една од најголемите и најскапите досега направени. Тоа би можело да се нарече ексцес, имајќи предвид дека основачот на Зара е познат како човек кој не сака да се расфрла со пари, а уште помалку да биде во центарот на вниманието. До 1999 година, кога ја објави својата автобиографија, никој не знаеше ниту како изгледа. Начинот на живот „low key“ му одговара целосно, а и неговата ќерка Марта Ортега се држи до истата тактика.
Последните три години токму таа е на чело на семејниот конгломерат „Inditex“, откако нејзиниот татко ѝ ја препушти претседателската позиција. За разлика од шпанскиот милијардер кој до неодамна беше вистинска мистерија за медиумите и јавноста, па дури и за кралското семејство, Марта е жена на новото време и јасно ѝ е дека личност на таква функција сепак треба одвреме-навреме да излезе меѓу луѓето.
Кога била мала, не била свесна каква империја поседува нејзиниот татко, знаела само дека нејзините родители се занимаваат со бизнис што има врска со модата. Постои и интересна анегдота од нејзиното детство, кога управничката на едно од одделенијата на компанијата ја прашала зошто секој ден носи облека од Зара. Марта одговорила: „О, навистина? Дали тоа е некој бренд? Мама ми ја купува целата облека.“
Подобра реклама и не постои, па со истата навика продолжила и до ден-денес, кога и официјално е една од најмоќните жени во светот. Но, таа изгледа и се однесува сосема поинаку, во спротивност со титулата што ја носи. Пред сè, таа е мајка и сопруга, и совршено го одржува балансот помеѓу приватниот и деловниот живот. Од првиот брак го има синот Амансио, а со вториот сопруг, менаџерот Карлос Торета, стапила во брак во 2018 година и ја имаат ќерката Матилда.
Бидејќи Марта Ортега не сака да ја информира јавноста за локациите каде што приватно престојува, таа работа мораат да ја завршат – папараците. Не ѝ пречат. Изгледа дека ова лето ужива на Азурниот Брег и веројатно со семејството крстари на новата јахта, а фотографијата со ќерка ѝ е направена додека се одмарале во Монте Карло. Како страстен љубител на јавање, внимателно следела како напредува коњот Бовил, кој учествувал во прескокнување пречки на меѓународен натпревар во Монако.
Можеме само да претпоставиме кој потпис го краси лесниот летен фустан што газдарицата на Зара го одбрала за оваа пригода …