„Чудото од дете“ потпиша договор од 250 милиони долари: Бил откриен од извршниот директор на Гугл, но го „зграпчил“ друг гигант

Точка

08/08/2025

10:44

1.556

Големина на фонт

а а а

Компанијата Мета, со која раководи Марк Цукерберг, му понудила на 24-годишен стручњак за вештачка интелигенција зачудувачки компензациски пакет вреден 250 милиони долари. Со овој потег не само што е подигната летвичката во трката по врвни таленти, туку се покренаа и сериозни прашања за економската нееднаквост во иднината во која ќе доминира вештачката интелигенција.

Мет Дајтки, кој неодамна ги напуштил докторските студии по компјутерски науки на Универзитетот Вашингтон, на почетокот ја одбил „понижувачката“ понуда на Цукерберг од околу 125 милиони долари за четиригодишен договор, пренесува „New York Times“.


Меѓутоа, кога основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг — и самиот поранешно чудо од дете — лично се сретнал со Дајтки и ја удвоил понудата на околу 250 милиони долари, со можност за исплата на 100 милиони уште во првата година, младиот истражувач ја прифатил зделката која може да биде еден од најголемите договори за вработување во историјата на корпоративниот свет.

„Кога информатичарите се платени како професионални спортисти, тогаш сме го достигнале врвот на ‘Одмаздата на бубалиците’“, изјавил професорот Дејвид Аутор, економист од МИТ, за „The Post“.

Дајтки е пример за тоа колку брзо може да се стекне богатство во тесниот круг на AI таленти. Откако ги напуштил докторските студии, работел во Институтот Ален за вештачка интелигенција во Сиетл, каде што го предводел развојот на Молм — AI четбот способен да обработува слики, звуци и текст, токму оние видови мултимодални системи кон кои тежнее и Мета.


Во ноември, Дајтки бил еден од основачите на стартапот Верцепт, фокусиран на AI агенти кои можат автономно да извршуваат задачи користејќи софтвер базиран на интернет. Стартапот, со само десетина вработени, успеал да собере 16,5 милиони долари од инвеститори, меѓу кои и поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит.

Неговиот револуционерен труд на 3D сетови на податоци и мултимодални модели му донел широко признание, вклучувајќи ја и престижната награда за извонредна работа на конференцијата „NeurIPS 2022“. Оваа награда, една од највисоките во заедницата на AI истражувачи, се доделува на само десетина истражувачи од над 10.000 пријавени трудови.


Овој договор ја осветлува агресивната стратегија на Мета да стане лидер во областа на вештачката интелигенција. Компанијата наводно потрошила повеќе од една милијарда долари за да формира „ѕвезден тим“, вклучувајќи го и Руоминг Пан, поранешен шеф на тимот за AI модели во Епл, кој бил привлечен со понуда вредна над 200 милиони долари. Додека поддржувачите тврдат дека ваквата конкуренција ги поттикнува иновациите, критичарите изразуваат загриженост поради концентрацијата на моќ во рацете на неколку компании и поединци кои ја обликуваат иднината на вештачката интелигенција.

Рамеш Шринивасан, професор по информатички студии на „UCLA“, изјавил дека насоката по која се движат компании како Мета „во суштина придонесува нашата економија да станува сè понееднаква од ден на ден“.

„Тие компании даваат стотици милиони долари на неколкумина елитни истражувачи, додека истовремено отпуштаат илјадници работници, од кои многумина, како модераторите на содржина, дури и не се постојано вработени“, изјави Шринивасан.

„Токму тие се работните места кои Мета и слични компании планираат да ги заменат со AI системите што агресивно ги развиваат.“

Шринивасан додава дека овој модел ги наградува оние што ги унапредуваат големите јазични модели, додека „ги остава без права работниците чиишто труд, иронично, ги генерирал податоците што ги напојуваат тие исти модели“.


„Ова е автоматизација на когнитивните задачи“, објаснува тој. „Тоа се работни места во човечки ресурси, администрација, правосудство, па дури и возење за „Uber“. Ако можат да се соберат податоци за некоја работа, машината може да ја имитира. Сите тие извори на приходи се загрозени.“

На прашање од инвеститорите, самиот Марк Цукерберг ја оправдал оваа стратегија.

„Градиме елитен тим со висока концентрација на талент. Ако планирате да потрошите стотици милијарди долари на компјутерска моќ, тогаш има смисла да се борите исклучително жестоко и да направите сè што е потребно за да ги придобиете тие 50 или 70 врвни истражувачи кои ќе го изградат вашиот тим. Едноставно кажано, постои апсолутна премија за најдобрите и најталентираните луѓе“, заклучи тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk