Искусниот италијански кошаркар Акиле Полонара се враќа во Динамо Сасари, клубот за кој настапувал од 2017 до 2019 година.
Иако не може веднаш да се приклучи на тимот поради борбата со болеста, сардинискиот клуб му укажа голема доверба и потпиша договор со крилниот напаѓач за негово враќање штом здравствената состојба му го дозволи тоа, пишува Eurohoops.
Потсетуваме на Полонара му беше дијагностицирана миелоидна леукемија во јуни, поради што неговото враќање на кошаркарските терени во моментов е под знак прашалник. И покрај ова, италијанскиот клуб официјално објави дека „е постигнат договор за враќање на Акиле Полонара штом условите го дозволат тоа“.
Однос изграден врз доверба
Во официјалното соопштение за медиумите од клубот, тие ја истакнаа посебната врска со играчот. „Договорот уште еднаш ја потврдува длабоката врска помеѓу Акиле и Динамо: однос изграден врз меѓусебно почитување и доверба што го отвори патот за неговото враќање во Сардинија“, порачаа од Сасари.
„Клубот цврсто верува во патот на закрепнување на спортистот и во неговиот технички и човечки придонес, убеден дека Полонара и понатаму ги поседува квалитетите што го направија еден од најценетите италијански играчи на меѓународно ниво“, се додава во соопштението.
„Среќен сум што се враќам дома“
По успешниот престој во Сасари, Полонара изгради завидна кариера во Евролигата играјќи за Басконија, Фенербахче, Ефес, Жалгирис и конечно Виртус Болоња.
Во врска со враќањето се огласи и самиот Полонара. „Исклучително сум среќен и почестен што можам да се вратам дома. Би сакал да им се заблагодарам на претседателот Стефано Сардари, извршниот директор Франческо Сардари, генералниот менаџер Џек Девеки и тренерот Масимо Булери што ми ја дадоа оваа можност во толку деликатен момент од мојот личен живот“, рече Полонара.