Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, го започна својот поход на нова титула на УС Опен, каде што го освои трофејот четири пати, а во првото коло го победи Лернер Тијен, но остави впечаток како со својата игра така и со стилот.
Ноле се појави на теренот „Артур Еш“ во издание во какво не сме навикнати да го гледаме, а дизајнерката Вера Ванг и долгогодишната уредничка на списанието „Вог“, Ана Винтур, инаку пријателка на Новак, сигурно биле воодушевени.
Спонзорот на Ѓоковиќ, Лакост, му подготви интересна бела јакна, која од задната страна беше украсена со тродимензионални тениски топчиња во боите на најголемите турнири.
Над нив со бели букви беше напишано „Гренд слем“, а сите детали беа истовремено суптилни и многу ефективни: руска јака, слоеви на предниот дел, врвки инспирирани од оние на дуксерите… Сè во чест на 24-те Гренд слем титули кои ги освоил Србинот.
Како што истакна Новак, не му било лесно да се согласи да се појави во ова парче на теренот, бидејќи е малку конзервативен кога станува збор за модата, но однеодамна е подготвен да експериментира.
„Смела јакна, малку размислував дали да ја облечам, во поголемиот дел од мојот живот јас бев малку „конзерва“ кога се работи за облекувањето, а сега почнав да излегувам од тие рамки и да ја прифаќам модата на поинаков начин“ призна Ѓоковиќ по натпреварот.
„Интересна е, особено со тој дизајн на грбот. На ракавот има волк, на предната страна крокодил, така што има некои интересни детали кои се симболични“ додаде Ноле.
Инаку неговиот спонзор, неодамна лансираше лимитирана колекција во која го замени препознатливиот крокодил со коза, со цел да му оддаде почит на титулата на Ѓоковиќ „GOAT“, односно „greatest of all times“ – најдобар на сите времиња.
„Навистина е голема чест, што толку силен бренд во светот на модата и спортот, го направи тоа за мене и на таков начин ја прослави мојата кариера, во моја чест, тоа е голема привилегија. Мило ми е што ви се допаѓа“ изјави тенисерот.
Потоа Ноле настапи во црна опрема со златни детали, а за таа комбинација на бои рече дека е „навистина моќна“.