Малкумина знаат за него, но сега тој стана вториот најбогат човек во светот: Кој е Лари Елисон?

Супермен

10/09/2025

18:01

671

Големина на фонт

а а а

Лари Елисон го напуштил факултетот и потоа со партнерите ја основал едната од најголемите светски технолошки компании: „Oracle Corp“. Богатството што го стекнал го вметнало меѓу ултрабогатите. Во јули оваа година го престигна Марк Цукерберг и стана втора најбогата личност во светот, а сега е на чекор до Илон Маск и првото место.

Елисон денес е најголемиот акционер на „Oracle“, софтверски гигант кој станал познат по истоимената база на податоци врз која почиваат многу од најголемите светски корпоративни системи. Во последно време, компанијата постигна успех на конкурентниот пазар на инфраструктура за облачно компјутерство (cloud computing), кој го доминираат конкуренти како „Amazon“.

„Oracle“, тениски турнир, едриличарски тим и недвижности

Елисон (81) поседува повеќе од 40% од „Oracle“, што го сочинува поголемиот дел од неговото богатство. Исто така, поседува удел во производителот на електрични возила „Tesla“ на Маск, едриличарски тим, тениски турнир во „Indian Wells“, како и недвижности, вклучувајќи го и хавајскиот остров Ланаи, пишува „Bloomberg“.


Според индексот на милијардери на „Bloomberg“, на 9 септември неговото богатство било проценето на 364 милијарди долари. Тоа вклучува зголемување од 70 милијарди долари откако акциите на „Oracle“ достигнале рекорд на берзата, по објавувањето на тромесечните резултати на компанијата.

Тој пораснал во Чикаго откако на девет месеци бил посвоен од роднини на неговата мајка. Елисон го напуштил студирањето во Чикаго и се преселил во Беркли, Калифорнија, каде прифатил работа како компјутерски програмер во „Ampe“x, работeјќи на база на податоци наречена „Oracle“ за Централната разузнавачка агенција (CIA).

Основач на претходникот на „Oracle“ уште во 1977 година

Со двајца партнери, Елисон во 1977 година основал компанија која на крајот ќе стане „Oracle“. Компанијата на 12 март 1986 година понудила акции преку иницијална јавна понуда, ден пред „Microsoft“. Во септември 2014 година се повлекол од местото главен извршен директор на „Oracle“, преземајќи ја позицијата претседател на управниот одбор и главен технолошки директор.

„Oracle“ во последните неколку години инвестира милијарди долари за да нуди услуги на инфраструктура во облак, нудејќи компјутерска моќ и складирање преку интернет. Компанијата профитирала од ентузијазмот околу вештачката интелигенција додека стартапите и други „AI“ компании бараат повеќе капацитети.

На почетокот на септември, цената на акциите на „Oracle“ се утростручила откако во ноември 2022 година беше лансиран „ChatGPT. Акциите достигнаа историски максимум по затворањето на берзата во Њујорк на 9 септември, кога „Oracle“ објави амбициозна прогноза за своето работење со облак, што го изненади Волстрит и ги зајакна надежите дека глобалната изградба на „AI“ инфраструктура се забрзува.

Елисон исто така имал корист од блискиот однос со американскиот претседател Доналд Трамп. Елисон со години е поддржувач на Трамп и донатор на Републиканската партија. Откако Трамп во јануари се врати на претседателската функција, тој го награди Елисон со тоа што повеќепати го пофали „Oracle“.

Поддршка од претседателот Трамп

Елисон и „Oracle“ се дел од „AI“ инфраструктурен проект вреден 500 милијарди долари наречен „Stargate“, кој Трамп првпат го спомена во јануари. Трамп ја изрази поддршката Oracle да стекне делумен удел во американското работење на ТикТок, со што „Oracle“ би добил удел во еден од најпопуларните потрошувачки производи во светот.

Во последната деценија, Елисон потрошил стотици милиони долари на луксузни недвижности, вклучувајќи имоти во Малибу и Ранчо Мираж во Калифорнија, вилата „Beechwood“ во Њупорт, Род Ајленд, како и имот во околината на Сан Франциско моделирaн според јапонската феудална архитектура од 16 век.


Софтверскиот магнат е познат по раскошниот животен стил, кој го финансира со приходите од продажба на акции на „Oracle“ и дивидендите, кои од 2003 година изнесувале повеќе од 12 милијарди долари, според анализа на податоци составена од „Bloomberg“.

Двапати победник на America's Cup

Страсен е едриличар и делумно ја финансирал екипата „BMW Oracle Racing“, која го освоил „America's Cup“ во февруари 2010 година. Неговиот удел во „Rising Sun“, мега-јахта долга 138 метри, подоцна истата година ја продал на милијардерот Дејвид Гефен.

„Oracle Team USA“ на Елисон го одбрани „America's Cup“ во октомври 2013 година, победувајќи ја екипата од Нов Зеланд. Тој го потпишал „Giving Pledge“ во 2010 година, ветувајќи дека ќе донира најмалку 95% од своето богатство за добротворни цели.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk