Фидел Кастро, долгогодишниот лидер на Куба, е познат по своето политичко влијание, но и по бурниот и контроверзен приватен живот. Од два брака, најмалку девет деца и безброј љубовни врски, па сè до однос со американска шпионка — неговиот емотивен живот бил подеднакво комплексен и драматичен како и неговата политичка кариера.
Првиот брак Кастро го склучил во 1948 година со Мирта Дијаз-Балар, со која имал син. Бракот траел до 1955 година, по што Мирта со синот емигрирала во Соединетите Американски Држави. Фидел бил длабоко погоден од тоа, што се гледа од писмата испратени до полусестра му Лидија:
„Одбивам дури и да помислам дека мојот син може да преспие една ноќ под ист покрив кој ги штити моите најголеми непријатели и да го бакнуваат тие бедни Јуди“, пишувал тој.
За време на престојот во Мексико, каде што планирал герилска борба, Кастро успеал да ја убеди поранешната сопруга да му го испрати синот во посета. Иако договорот бил да остане две недели, Кастро не сакал да го врати. Сепак, додека тетките шетале со детето во Мексико Сити, тројца вооружени мажи го киднапирале и го вратиле кај Мирта.
Неговата втора сопруга, Далија Сото дел Ваље, била поранешна учителка која ја запознал за време на кампања за описменување. Во брак биле од 1989 до неговата смрт во 2016 година, но за нивниот однос се знаело многу малку — Далија ретко се појавувала во јавност. Имал пет синови со неа: Алексис, Алехандро, Анхелито, Александер и Антонио. Најпознатиот меѓу нив, Антонио, работел како ортопедски хирург и бил активен во бејзбол заедницата, спорт што Кастро го обожувал.
Приказните за сексуалната енергија на Кастро влегле во легендите. Според „New York Post“, наводно имал интимни односи со дури 35.000 жени, а неговите телохранители, како што се тврди, секојдневно ги обиколувале плажите во потрага по нови партнерки.
„Па, јас немам племе. Помалку од десетина“, се насмеал Кастро во една прилика на прашањето колку деца има.
Новинар на „Vanity Fair“ во 2008 година пишувал дека Кастро сакал да флертува и не се воздржувал да користи груби сексуални алузии.
Една од најпознатите жени од минатото на Кастро била Марита Лоренц, германско-американска шпионка која тврдела дека го носи неговото дете и подоцна била регрутирана да го убие. Нејзината приказна е опфатена во книгата „Marita: The Spy Who Loved Castro“, но и во неколку филмови. Актерката Џенифер Лоренс го играше нејзиниот лик, што ѝ било особено драго на Марита.
Нивната прва средба се случила во 1959 година, кога таа имала 19 години, на бродот на нејзиниот татко во пристаништето во Хавана.
„Никогаш нема да го заборавам кога првпат го здогледав тој продорен поглед, тоа убаво лице, таа злобна и заводлива насмевка“.
Кастро ѝ се претставил со зборовите:
„Јас сум д-р Кастро. Фидел. Јас сум Куба. Дојдов да го посетам вашиот голем брод“.
Веќе истата вечер завршиле заедно во нејзината кабина. Наскоро испратил приватен авион да ја врати во Хавана, каде што поминала седум месеци со него. Забременила, но тврди дека во седмиот месец од бременоста ѝ дале дрога и го изгубила бебето под сомнителни околности.
Во САД ја контактирал Френк Старџис од ФБИ, кој ја регрутирал за атентат врз Кастро. Добила отровни таблети и се упатила назад кон Куба. Кога се сретнале, Кастро веќе знаел за планот.
„Никој не може да ме убие. Никој. Никогаш“, ѝ рекол додека ѝ подавал пиштол.
Марита ги фрлила таблетите во тоалетот, повеќе не зборувале за атентатот, а по љубовната ноќ, таа се вратила во Америка.
По враќањето во САД, Марита била во врска со поранешниот венецуелски диктатор Маркос Перез Хименез, со кого имала ќерка. Поради спор околу татковството и прекршување на договорот за приватност, изгубила право на 5 милиони долари наследство. Подоцна се поврзала со мафијата, влегла во врска со шефот на „Kosher Nostra“, Еди Леви. Откако ја разочарал, стапила во брак со агентот на ФБИ, Луис Јураситс, со кого имала син. Се развеле во 1975 година, а тој починал во 2009 година.
Марита никогаш не престанала да верува дека нејзиното дете со Кастро е живо. Во 1981 година се вратила на Куба барајќи одговори.
„Морам да ги знам одговорите, Фидел. Сакам да ја дознаам вистината за нашиот син“, му рекла.
Тој ѝ одговорил:
„Во ред е, сите деца овде ѝ припаѓаат на Куба“, а потоа повикал стражар кој довел млад човек по име Андре.
„Тоа беше нашиот син, верувам во тоа“, тврдела Марита.
Кога Кастро почина во 2016 година, нејзината реакција била емотивна:
„Тој беше љубовта на мојот живот. Тој сè уште е духовно тука. Замина само телесно, не и со душата.“
Марита изнела контроверзни тврдења дека американските служби го организирале убиството на Џон Ф. Кенеди и дека лично го запознала Ли Харви Освалд. Агентот Старџис го негирал тоа:
„Никогаш не сум го сретнал Освалд. Сè измислила“.
И покрај тоа што сведочела пред Претставничкиот одбор за убиства, тоа подоцна било прогласено за несигурно.
Последните години од животот Марита ги посветила на потрага по ќерката и поранешниот партнер во Венецуела. Осум месеци поминала меѓу домородни племиња. По враќањето, живеела со синот во Бруклин сè до смртта во 2019 година.
Љубовниот живот на Фидел Кастро не бил помалку драматичен од неговата револуционерна борба. Жените доаѓале и заминувале, но приказната за Марита Лоренц останува еден од најнеобичните љубовни заплети во историјата на светските лидери — спој на политика, страст, шпионажа и трагедија.