Сем Алтман, извршен директор на „OpenAI“,откри амбициозен план за брзо проширување на вештачката интелигенција: изградба на фабрика што ќе може да произведува еден гигават нова AI инфраструктура секоја недела.
Во блогот објавен во вторникот со наслов „Abundant Intelligence“, Алтман објасни дека се поставуваат „темели“ за изградба на AI инфраструктура, бидејќи сè повеќе луѓе ја користат вештачката интелигенција.
„Нашата визија е едноставна: сакаме да создадеме фабрика што ќе може да произведува еден гигават нова AI инфраструктура секоја недела“, напиша Алтман, додавајќи дека „реализацијата на овој проект ќе биде исклучително тешка“ и дека ќе бидат потребни повеќе години за да се оствари целта.
„Според нас, ова ќе биде најкул и најважен инфраструктурен проект досега“, истакна Алтман.
Тој додаде дека „многу“ од инфраструктурата ќе биде изградена во САД, а повеќе детали за партнерите и плановите за реализација ќе бидат објавени во наредните месеци.
Еден од клучните проекти кој би можел да ги поддржи амбициите на Алтман е „Stargate“, заеднички проект на „OpenAI“, „Oracle“ и „SoftBank“, вреден 500 милијарди долари. Првиот „Stargate“ дата-центар е веќе во изградба во Абилин, Тексас.
Еден гигават AI инфраструктура неделно – доволно за да се напојуваат 876.000 домаќинства во текот на една година – би можел да ги поддржи и другите проекти на „OpenAI“ кои неодамна беа најавени.
Во понеделникот, „Nvidia“ објави инвестиција од 100 милијарди долари во стартапот на Алтман, што овозможува пристап до најмалку 10 гигавати AI дата-центри.
„OpenAI“ во вторникот исто така најави уште пет локации за AI дата-центри во рамките на проектот „Stargate“, вклучувајќи ја и Абилин, кои заедно би обезбедиле речиси 7 гигавати капацитет.
Но, останува клучното прашање – од каде ќе доаѓа енергијата за сите овие системи?
Енергетски експерти предупредуваат дека обезбедувањето на електрична енергија само за договорот со „Nvidia“ претставува голем предизвик. Бред Гаствирт, глобален директор за истражување и пазарни информации во „Circular Technology“, го опиша проблемот како „тивко тесно грло“ за технолошката индустрија во обидот за скалирање на AI.
„Ова ќе станува сè поголем проблем како што ќе минуваат годините“, изјави Гаствирт за „Business Insider“.
Портпаролите на „OpenAI“ не одговориле на барањето за коментар.