Новиот алат заснован на вештачка интелигенција, осмислен за сузбивање на измами, ѝ помогнал на британската влада во изминатата година да врати речиси 500 милиони фунти (околу 572 милиони евра), открива „BBC“.
Над една третина од вратениот паричен износ е поврзан со измами за време на пандемијата со ковид-19, додека остатокот е вратен преку нелегални барања за данок на имот и нелегален подзакуп на социјални станови.
Владата подоцна ќе објави дека новиот AI алат, кој помогнал во откривањето на измами, сега ќе биде лиценциран и во други земји, вклучително САД и Австралија. Организациите за заштита на граѓанските права претходно ја критикуваа Лабуристичката влада поради користењето на вештачката интелигенција во борбата против измами, пренесува британскиот јавен сервис.
Според податоците на Кабинетот, 480 милиони фунти вратени меѓу април 2024. и април 2025. претставуваат најголем износ некогаш вратен од страна на владините тимови за борба против измами во една година. Министрите велат дека парите заштедени со помош на AI ќе се искористат за вработување на медицински сестри, наставници и полицајци.
Од вкупниот износ, 186 милиони фунти се однесуваат на измами поврзани со пандемијата.
Иако министрите со години ветуваат дека ќе вратат дел од изгубениот паричен износ, 186 милиони се само мал дел од повеќе од 7 милијарди фунти за кои сегашната министерка за финансии, Рејчел Ривс, тврди дека се изгубени за време на пандемијата.
Споменатите заштеди вклучуваат и блокирање на стотици илјади компании со потенцијално лажни „Bounce Back“ кредити да затворат.
„Bounce Back“ кредитите беа заеми до 50.000 фунти кои владата ги воведе за време на пандемијата за да ги поддржи претпријатијата. Сепак, програмата беше критикувана поради недоволна контрола, бидејќи компаниите кои беа затворени пред да ги вратат кредитите често избегнуваа и воопшто да ги вратат.
Канцеларијата на владата споменува и случај на жена која измислила компанија, а потоа префрлила пари од кредит во Полска.