Американскиот претприемач Брајан Џонсон е познат по тоа што троши милиони долари годишно обидувајќи се да го запре процесот на стареење.
Џонсон инвестира околу два милиони долари годишно во својот експериментален „Проект Блупринт“, кој има за цел да го врати неговиот биолошки часовник наназад. Меѓутоа тој неодамна сподели фотографии од тоа како изгледал пред да се впушти во проектот, а истите изненадија многумина.
Инаку претприемачот од Јута се збогатил во 2013 година со продажба на неговата компанија за обработка на плаќања „Braintree Venmo“ на „PayPal“ за вртоглави 800 милиони долари. Но, откако се соочил со влошување на здравјето, Џонсон се свртел кон биохакирање и станал интернет сензација, а неговите напори да го запре стареењето станале вирални.
Неговиот режим вклучува строг пост, бројни додатоци во исхраната, ригорозна рутина за вежбање и исхрана базирана на растенија. Биохакерот, кој има три деца од првиот брак, неодамна проговорил за минатото на неговиот Јутјуб канал, откривајќи дека неговите проблеми со тежината започнале откако играл американски фудбал во средно училиште.
На 21 година, тој поминал две години во Еквадор, каде што се борел со низа болести поради кои не можел да ја задржи храната. „Првите неколку месеци постојано повраќав“, се присетил тој. „Постојано имав дијареја, не можев да јадам никаква храна, а лицето ми беше покриено со осип и акни – беше едноставно ужасно“, објаснил Џонсон.
„Бев мисионер и живеев во екстремна сиромаштија во Еквадор“, изјавил тој за списанието Пипл. „Чувствував силна потреба да направам нешто што би го подобрило светот, но не знаев што. Па затоа целта стана да заработам многу пари до моите 30 години, а потоа да најдам нешто интересно со тие пари“, раскажал Брајан.
Откако ја продал својата компанија во 2013 година, Џонсон сфатил дека неговиот претходен начин на живот не го штител од здравствени проблеми. Се чувствувал дебел, бил под стрес и бил депресивен, што го поттикнало да се посвети на промена на неговиот начин на живот. Па така, во 2021 година, тој го започнал „Проект Блупринт“ и сега поминува пет часа на ден следејќи го својот „протокол за долговечност“.
Џонсон тврди дека неговите биомаркери сега се во горните перцентили и дека неговата биолошка возраст е значително пониска од неговата хронолошка возраст, иако лекарите предупредуваат дека научната основа за ваквите тврдења останува шпекулативна. „Кога велам дека никогаш во животот не сум бил посреќен, можете да видите од каде доаѓа тоа“, заклучи тој. „Искрено го мислам тоа, не се обидувам ништо да скријам, не сум нечесен“, рекол Џонсон.