На овогодишното доделување на Британските модни награди имаше бројни креации кои ќе се паметат.
Некои нѝ го одзедоа здивот, некои не нѝ се допаднаа толку многу, а критичарите секако имале полни раце работа. Иако не ја освоила наградата во категоријата модел на годината, Ешли Грејем успеала да привлече внимание, уште еднаш покажувајќи дека за неа не постојат граници ниту правила, а смелата жолта креација на присутните им „вбризгала“ повеќе од доволно допамин.

Како сонцето да го осветлило темносиниот килим пред „Ројал Алберт Хол“… Така дежурните коментатори на социјалните мрежи го опишале доаѓањето на Ешли Греjем на „Британските модни награди“ (British Fashion Awards). Грејем носела жолта креација со прерамки, длабоко деколте и потпис на брендот „Фебен“, која имала и „светлосни ефекти“ бидејќи беше проткаена со светки, а многумина сосем оправдано на овој стајлинг му доделиле највисоки оценки.
Најпопуларната „плус-сајз“ манекенка успеала дополнително да ја „осветли“ церемонијата во Лондон. Во тоа не ѝ помогнал само фустанот, туку и нејзината добро позната самодоверба, харизма и убавина што не е дефинирана со конвенционалните стандарди. Кога и да се појави сè на неа „грми и сјае“ без тронка вулгарност, па истата формула ја искористила и на овој гала настан, кој во последните децении се смета за пик на сезоната во модната индустрија.

Иако често е мета на критики поради нејзината тежина, Ешли, како предводничка на плус-сајз естетиката, никогаш не дозволила мислењата на другите луѓе да влијаат на нејзиното чувство за вредност.

Покрај тоа, таа секогаш гордо ги истакнува својата тежина и облини, верувајќи дека модата треба да биде достапна за секоја жена, секое тело и фигура и дека конфекцискиот број не е мерило за нечии квалитети.

Па така и на овој престижен настан, Ешли на најгламурозен можен начин покажала зошто се смета за симбол на сила, самодоверба, слобода, но и убавина.