Со појавата на SUV моделот, веќе беше јасно дека „Century“ ќе стане посебен бренд – огледало на најголемите достигнувања на „Toyota“. Сега, тоа е и официјално потврдено.
„Toyota Century“ е легендарен јапонски луксузен автомобил, а во иднина ова име ќе има уште поголема тежина во понудата на компанијата.
На Саемот на мобилност во Токио, јапонскиот производител потврди дека „Century“ ќе функционира како независен бренд, насочен кон самиот врв на пазарот на луксузни автомобили – во конкуренција со имиња како „Rolls-Royce“ и „Bentley“.
Иднината на брендот ќе ја предводи новиот модел „Century Coupe“.

Елеганција во нова форма
„Toyota“ пред неколку недели го најави „Century Coupe“, а како што и се претпоставуваше, станува збор за дизајн што досега никогаш не бил поврзан со името „Century“.
Компанијата засега не открива клучни технички податоци, ниту кога моделот ќе се најде на пазарот, ниту пак каде ќе се продава.
Надворешниот изглед е прикажан во впечатлива портокалова боја составена од 60 слоја лак.
За разлика од досегашните лимузини со ознака „Century“ и постојниот SUV модел „Century“, новата верзија "Coupe" има две врати и места за само две лица.
Но, внатрешноста е дизајнирана на начин каков што досега не е виден во ниеден друг автомобил.

Ентериер кој наликува на уметничка инсталација
Возачкото седиште е одвоено со дрвена конзола и светлосна преграда што изгледа како црвени ласерски зраци насочени кон таванот.
Внатре се истакнува футуристички управувач, дигитална инструментална табла и елегантно седиште со дрвен потпирач за грб.
Дизајнерите го поместиле совозачкото седиште далеку наназад, за сопственикот кој патува како патник да ужива во максимална удобност и простор.
Остатокот од кабината е обложен со најквалитетни материјали, а во центарот на контролната табла се наоѓа класичен аналоген часовник.

Повеќе модели во семејството „Century“
Заедно со моделот „Century Coupe“, претставени се уште четири дополнителни возила од семејството „Century“.
Меѓу нив се две реставрирани лимузини „Toyota Century“, специјално опремена верзија на SUV моделот "Century", како и GR-издание на актуелната лимузина.

Изјава на претседателот на „Toyota“
Претседателот на компанијата, Акио Тојода, изјави дека „Century“ претставува сам врв – автомобил единствен во својата класа.
„Во иднина, сакам ’Century‘ да се развие како бренд што ќе ги пренесе духот и гордоста на Јапонија низ целиот свет,“ рече Тојода.
Со овој потег, „Toyota“ официјално влегува во елитната лига на светскиот луксузен пазар, каде што традицијата, технологијата и префинетоста се спојуваат во автомобил кој веќе се смета за јапонски одговор на „Rolls-Royce“.



























