[ВИДЕО] Имаат 88 и 89 години,а ги прават најгледаните кулинарски видеозаписи на Инстаграм

Точка

17/12/2025

12:00

666

Големина на фонт

а а а

Искусните раце ги насочуваат прстите на почетниците низ растегливото тесто, охрабрувајќи ги да ја сместат фокачата во плех пред да ја посипат со сочни домати и лук. Потоа се посипа со сушено оригано и обилно се полева со маслиново масно, подготвена за печка на дрва.

Учителката е Грациела Инкампо, 89-годишничка која може да се нарече италијански еквивалент на кулинарската икона Џулија Чајлд. Таа и нејзината пријателка од детството, 88 годишната Тереза Калиа, станале вистинска сензација на социјалните мрежи, привлекувајќи милиони прегледи на Инстаграм и голем број посетители во најстарата пекарница во италијанскиот регион Апулија, пишува Си-ен-ен.

Ѕвезди на Инстаграм

Нивните невообичаени видеозаписи ги прикажуваат како танцуваат со звуци на електронска музика, свираат гитара и мешаат маргарити. Во една од снимките тие ја наполниле векната леб долга еден метар со свежа страчатела, нарендале домат и сè заокружиле со шунката копа. За лекцијата за подготовка на пармиџана, Калиа носела воена кацига на главата, а Инкампо носела жолти очила додека пржеле домати, мешајќи ја смесата од јајца со виљушка прицврстена на дупчалка.


Како сет за снимање им служи дворот со средновековен свод, сместен спроти пекарницата „Antico Forno Santa Caterina“ основана во далечната 1307 година во градот Алтамури. Сето тоа е дел од специјалната програма на пекарницата наречена „Bread Experience“, кулинарско патување низ историјата, пекарството, производството на сирење и билни препарати.


Но, за дегустирање на деликатесите не е потребно учество во тура. Јадењата подготвени за видеозаписите им се послужувват на гостите кои седат на масите во дворот, уживајќи во фокача, тестенини орекиете и сендвичи од пекарницата. Редицата за влез во малата пекарницата некогаш се протега долж целата уличка сè до главната пешачка улица. Кога има голем метеж, Инкампо и Калиа го полнат послужавникот со свежо печени крекери и им ги послужуваат на оние што чекаат.

„Се беше вкусно“

Бројни посетители, како Галина Нанкова од Пловдив, Бугарија, ја откриле пекарницата преку социјални мрежи. „Го сфатив тоа како знак. Во рок од месец дена го испланирав патувањето во Бари со моето момче. Се погрижив Алатамура – а особено Forno Santa Caterina да ја додадеме на нашата листа на места што мора да ги посетиме“, напишала таа.


Посетителите се воодушевени од средбите со ноните, кои заедно имаат 45 внуци. „Не очекував да биде толку прекрасно! Местото е автентично, ништо не е модифицирано за туризам. Моето семејство и јас седнавме на ручек, со леб и фокача печени во рерната Санта Катерина, како и орекиете со доматен сос и печено пилешко. За десерт имавме домашни колачиња. Сè беше вкусно!“, рекла Јулијана Нардела од Бразил, која била во посета претходно оваа година. „И големото изненадување: Грациела и Тереза беа таму! Беа многу љубезни“, додала таа.

Сè започнало како шега

Виралните снимки започнале „како еден вид шега“, изјавил Џакомо Баратини, правнук на г-ѓа Инкампо, кој ги снима видеозаписите со својот Ајфон. Тој и група пријатели биле разочарани од затворањето на најстарата пекарница во градот, па решиле да направат нешто во врска со тоа. Ги здружиле своите ресурси и повторно ја отвориле во 2023 година.

Баратини ги ангажирал својата прабаба и нејзината пријателка да помогнат во ширењето на веста со нивното заразно чувство за забава. Ноните толку многу уживале во снимањето што тоа станало секојдневен ритуал.


„Двете нони се многу забавни и среќни секој ден. Се смеат многу, многу се смешкаат. Тоа е нивната животна филозофија“, објаснил Баратини. „Помислив: „Зошто да не ја поврземе традиционалната храна со нивната филозофија – дека малите работи се добри. Секој ден тоа се претвора во видео демонстрација на готвење, празнична честитка или, како во случајот со смртта на папата Јован Павле II, порака на сочувство. „Секој ден ги прашувам, што сакате да направите? И тоа го правиме“, објаснил Баратини.

Амбасадорки на заборавен град

Во процесот Инкампо и Калиа станале неофицијални амабасадорки на овој град со 70.000 жители, кој туристите ретко го посетуваат. Додека блиските градови како Матера и Алберобело станале задолжителни туристички станици, Алатамура ја заобиколувале дури и многумина Италијанци, и покрај тоа што е позната по Човекот Алтамура, фосилизиран неандерталец откриен во близина во 1993 година. Но сè се сменило по појавата на новите видеозаписи.


Двете ѕвезди пораснале во околината на градот, учејќи ги тајните на земјоделството и готвењето уште од мали нозе. Мајката на г-ѓа Инкампо ѝ ја пренела генерациски старата тајна на квасецот. Измешан со брашно од дурум пченица и печен во древна печка, станува Пане ди Алтамура, леб со крцкава кора и јаткаст средишен дел.

Благодарение на својата издржливост, овој леб бил основна намирница на древните земјоделци и овчари. Денес, тој носи сертификат за заштитена ознака за потекло на ЕУ, што значи дека вистинскиот леб може да се направи само во Алтамура со локални состојки. Во минатото, семејствата го меселе лебот дома, а потоа го носеле во една од комерцијалните печки во градот за да се пече, обележувајќи ги своите лебови со уникатен печат.

„Не е работата во парите“

Иако печатите повеќе не се потребни, тие се дел од традицијата што Баратини сака да ја зачува. „Размислував за продажба преку интернет, но не е работата само во парите. Сакам луѓето да дојдат тука и да видат како се прави лебот. Инаку, тоа не можете да го разберете“, истакнал тој.

Њујорчаните Елејн Танела и нејзиниот сопруг Дамир Узуниз се согласуваат, пријавувајќи се за четиричасовното „Искуство на лебот. „Звучеше како одличен начин да се помине денот, да се види печка стара со векови и да се доживее локална млекарница каде што се прават моцарела и бурата“, рече Танела. Таа ја опиша посетата како „едноставно огромно“ искуство од дегустација на топло бриош лепче до неуспешен обид за правење орекиете, каде што ноните нежно им дале до знаење дека нивните „мали уши“ не биле толку успешни.


Турата ја продолжиле со посета на локалниот пазар и блиската фабрика за сирење на семејството Дичека, каде што набљудувале како производителот на сирење од трета генерација, Анџело Антонио Дичека, вади свежа страчатела и ја врзува во јазли за најдобрите ресторани во регионот.

Зачувување на традицијата

За многу посетители, тезгата на Пјерино Карлучи на пазарот била омилена станица. Карлучи е локална легенда, познат по своите билни препарати, но и по неговото неверојатно гостопримство. Кога Танела го прашала како се готват локалните полжави, тој инсистирал таа и нејзиниот сопруг да му се придружат на вечера бидејќи неговата сопруга токму тој ден ги подготвувала.


Таквото гостопримство е карактеристично за Алтамура. Баратини (32) и неговите пријатели ги напуштиле своите работни места во големите градови и се вратиле да го оживеат својот роден град. „Го сакам мојот град. „Сакам луѓето да го доживеат вистинскиот живот, ова вистинско место“, истакнал тој.

Порано оваа година, црковните старешини ги замолиле да помогнат во обезбедувањето на иднината на слаткарницата Пастичерија делле Моначе, каде што калуѓерките печеле колачи од бадеми од 1597 година. Баратини и неговите пријатели го презеле бизнисот за да ја зачуваат традицијата, да додадат некои модерни елементи како сладолед и кафе и официјално ја отвориле кон крајот на јули. Секако, слаткарницата има свој Инстаграм профил. Но, без ноните, тешко е дека ќе стане многу попларна.