Ве заведуваат преку пораки, снимаат сè и ѝ праќаат на вашата девојка или сопруга – да, ова е нов тренд

Супермен

17/12/2025

19:45

531

Големина на фонт

а а а

„Обично не сум девојка која праќа пораки некому, но ти си мнооогу згоден“, пишува Маделин додека го прелистува неговиот Инстаграм профил. Фотографии со пријатели – има. Селфи од теретана – има. Девојка – нема, барем не на прв поглед. Единствената жена на профилот е неговата сестра. Се чини дека е слободен.

Во свет каде што испраќањето директни пораки стана секојдневие, Маделин фрла мамец. Неколку часа и неколку кокетни пораки подоцна, мажот предлага пијалак и додава дека би можеле „да видат каде ќе ги одведе вечерта“. Но, таа нема намера да излезе со него. Разговорот, вклучувајќи и непожелни експлицитни фотографии, го зачувува како доказ и го праќа на неговата сопруга, со која е во контакт веќе неколку дена. Потоа го блокира и, со дозвола на измамената партнерка, целата приказна ја објавува на ТикТок пред своите 159 илјади следбеници, пишува „Cosmopolitan“.


Вирално разоткривање

Слични видеа станаа вообичаена содржина на оваа платформа. На екранот се појавува, на пример, девојка која танцува на фестивал, со чаша вино во рака и музика што свири во позадина. На прв поглед – типична фестивалска објава.

Но, текстот преку видеото открива друга приказна: „Ако ова е твоето момче на ‘Tomorrowland VIP’, тој се бакнуваше со мојата пријателка 20 минути. Кога таа го праша за Инстаграм, рече дека не може бидејќи има девојка, но тоа е во ред бидејќи тоа е ‘Tomorrowland’“. Во фокусот повеќе не е авторката на видеото, туку мажот зад неа. Во описот стои повик: помогнете да се најде неговата девојка. Видеото брзо станува вирално и собира 3,7 милиони прегледи.


Такви содржини, каде луѓето јавно се прозиваат поради наводна неверност, денес се секаде. Постојат и други варијации: снимки од анонимни бањи со порака „Ако ова е твојата бања, штотуку спиев со твоето момче“, или оставање тампони и вештачки нокти во туѓ дом како наводен чин на „сестринска солидарност“.

А тука се и професионалци – платени „ловци“ на прељубници кои ја тестираат верноста на партнерите. Видеата со ознака #cheating надминаа 21 милијарда прегледи.

„Професионални“ тестови на верност

Една од најпознатите е токму Маделин, 30-годишна мајка на две деца од Лос Анџелес, која на ТикТок објавува под името @madelinetheREAL.

Својата работа ја опишува како низа „тестови на верност“, и вели дека пред 20 години такво неверство не би било можно во овој облик. Заедно со својот партнер Дени, кој ги продуцира и монтирa видеата, неделно спроведуваат помеѓу 15 и 100 тестови. Според нивната проценка, околу 80% од мажите „паднале“ – преку флерт, лаги за статусот на врската, испраќање експлицитни пораки или договарање средби.

Но, тие истакнуваат дека ТикТок прикажува само дел од нивната работа. Позади сцената, вели Маделин, стојат часови разговори и емоционална поддршка за клиентките кои бараат потврда за своите сомнежи. Терапевтите, сепак, предупредуваат дека популарноста на овие видеа зборува повеќе за нашата колективна опсесија со драма, отколку за вистинска грижа за вистината.


„Трачот е длабоко вкоренет во човечката природа, а социјалните мрежи тоа совршено го искористуваат“, вели терапевтот Џек Ворти.

Некои го користат ТикТок и како алатка за собирање докази. Кејтлин, која била во брак само една недела пред да биде испратена на воена служба во Сингапур, објавила видео во кое повикува сите жени кои биле во контакт со нејзиниот сопруг да ѝ се јават. Видеото собра повеќе од 200 милиони прегледи, а пораките ги потврдија нејзините сомнежи. „Најлошо е да не знаеш“, вели таа. „Доказите, колку и да се болни, барем носат крај на неизвесноста“.

Кога драмата ќе ја надвладее вистината

Сепак, експертите предупредуваат дека многу вирални видеа не ја прикажуваат целата вистина. Често се покажува дека обвинетиот воопшто не е во врска, или станува збор за погрешна интерпретација. Адвокатите дополнително предупредуваат на можни правни последици – од клевета до прекршување на приватноста.


Проблемот дополнително се зголемува поради алгоритмот на ТикТок, кој на корисниците им сервира сè повеќе слична содржина, создавајќи впечаток дека неверството е секаде околу нас. „Ако сте стигнале до тоа да го тестирате партнерот, прашањето е дали проблемот се појавил многу порано“, вели Ворти. Психолозите предупредуваат и за опасноста од поедноставени совети кои се шират на платформата и за културата на сомнеж која сериозно може да го наруши менталното здравје.

Едно е сигурно: ТикТок стана своевидна дигитална ризница на приказни за неверство. Но, во свет каде што забава наоѓаме во туѓите животи на екранот, вреди да се потсетиме дека виралното видео не мора да е вистина – туку само уште едно парче внимателно спакувана драма.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk