[ФОТО/ВИДЕО] „Ритуал на Норвежаните од кој се „заледив“: Ги гледав што прават на -12 во центарот на Осло и не ми беше добро“

Точка

20/02/2026

10:16

1.118

Големина на фонт

а а а

„Додека јас размислував дали требаше да облечам уште еден џемпер, бидејќи во Осло ме пречекаа снег и -12 степени – момчиња и девојки во костими за капење без двоумење се фрлаа во морето“, го започнува своето патешествие Ана Кабала од „Putničarenje“.

Овој февруари се вратив во Осло на еден ден, само во поминување кон мал норвешки град, но тоа беше прилика по мојата летна скандинавска тура да видам како изгледа во зимскиот период. Градот беше побелен, ветерот шибаше, беше „дебел минус“, но луѓето нормално се движеа – кај нив тоа не е вонредна состојба. Инаку, тој ден беше -12, „но ми се чинеше потопло и полесно за дишење отколку кога е +5 во Белград.

Сепак, сцената на која налетав на „Oslofjord“ навистина ме изненади – група млади по излегувањето од сауна скокаа во морето, за кое не проверував колку е ледено, но сум сигурна дека е далеку од идеална температура. Но, ним им делуваше сосема опуштено – влегуваа без двоумење, остануваа да пливаат, се кикотеа и си играа во водата, како тоа да е најнормална зимска забава.

Изгледа дека и е така, бидејќи тие не беа единствените капачи на тој дел од брегот.


Долж шеталиштето спроти прочуената „Oslo Opera House“ се наредени сауни-сплавови и, би рекла, целиот ритуал е прилично вообичаен. И не е резервиран за спортисти или авантуристи, ниту само за млади – видов и постари луѓе кои влегуваа во водата без премислување.

Од жешко во ледено – клучниот момент на сауна-уживањето во Норвешка

„Саунирањето на норвешки начин“ започнува со стандардно загревање во сауна (во Норвешка ги нарекуваат „badstu“), најчесто на температури меѓу 80 и 100 степени и со смирувачки мирис на дрво. Но по времето поминато на жештина, клучно е да се разладите. И тоа, ако ги прашате Норвежаните, треба да го направите нагло, така што ќе го шокирате организмот – со нурнување во езеро или фјорд, а како алтернатива и со туширање со ладна вода.

По неколку секунди во ледената вода, следува пауза на студениот воздух, па враќање во сауната. Циклусот обично се повторува повеќепати, а се верува дека токму контрастот меѓу топлото и ладното ја подобрува циркулацијата, го зајакнува имунитетот и го подобрува расположението.


Идејата не е само физичко „калење“, туку и ментален ресет – соочување со непријатноста, контролирано дишење и чувство на интензивна присутност во моментот. Подеднакво важен аспект е и социјалниот – зимското капење често е групна активност, при што пријателите заедно поминуваат низ краткиот шок, што дополнително го зајакнува чувството на заедништво.

„Fjord dip“ е зимски тренд во Осло

Во последните неколку години, таканаречениот „fjord dip“ стана тренд во Осло, особено меѓу помладите генерации, иако традицијата на студено капење во Скандинавија постои многу подолго. Разликата е во тоа што денес тој станал дел од урбаната култура – нешто што се прави по работа, со пријатели, со поглед кон светлата на градот.

Еден од симболите на Осло се токму пловечките сауни, какви што и јас видов, од кои посетителите можат веднаш да влезат во фјордот, по загревање покрај печки на дрва. Инаку, „fjord dip“ не е класично пливање. Тоа е контролирано, кратко нурнување во морето, најчесто во траење од неколку секунди до една минута – целта не е издржливост, туку интензивен контраст.

Популарно место за зимско капење во Осло е и „Sørenga Sjøbad“, градско капалиште кое е живо во текот на целата година, дури и кога водата е ледена. Постои директен пристап до „Oslofjord“ од дрвени понтони, а околината е уредена за престој покрај вода и студено капење, како и со сауна.


Иако научните истражувања даваат различни резултати кога станува збор за долгорочните ефекти, многу редовни капачи тврдат дека по овој ритуал се чувствуваат поенергично, посмирено и поотпорно на стрес.

Сега малку ми е жал што не се осмелив да пробам.

А за она што сепак го пробав на патувањето низ Скандинавија, но и во други делови од светот“,повеќе ќе дознаете ако ја заследите страницата „Putničarenje“ на Инстаграм.